СОНК не се откажал од барањето за зголемување на плати во основното и средното образование, порача лидеорот на СОНК Јаким Неделков. Тој реагира на вчерашната изјава на министерката за образование и наука Весна Јаневска за зголемување на платите во образованието од 10 на 12 отсто од март 2025 година.
-Го известувам членството на СОНК и другата заинтересирана јавност дека оваа изјава не е во согласност со ставовите на СОНК, односно дека содржината на изјавата не е договорена со СОНК, објави синоќа Јаким Неделков.
Точно е дека два пати имавме конструктивна средба, посочува Неделков, и ставовите на СОНК беа јасни: почитување на Закон и Колективен договор, од каде произлегува и барањето за усогласување на платите во основно и средно образование за 12.15 проценти.
Сепак, тој додава, тоа што од страната на Министерката беше кажано дека нема материјални можности оваа година, не значи дека СОНК се откажал од своето барање.
-Во наредниот период очекувам повторно средба со надлежните во државата и решавање на настанатата ситуација. Го замолувам членството на СОНК да не подлегнува на смислена провокација и обид за разбивање на единството во СОНК од поединци и групи, се со цел за нивно лично или колективно профитирање. СОНК останува единствената организација која се грижи за правата и интересите на своите членови, стои во апелот на Неделков.
Повисоки плати за 12 отсто ќе добијат вработените во образованието од март следната година. Министерката за образование Јаневска рече дека веќе биле остварени средби со претставниците од СОНК и со министерството за финансии и дека покачувањето ќе биде направено според колективните договори и растот на БДП.
Јаневска минатиот месец изјави дека ќе направат максимални напори платите на наставниците постепено да растат, изразувајќи уверување дека до крајот на мандатот ќе се потпише и нов колективен договор за основно и за средно образование.