Секое погрешно паркирање е опасно и недозволено, но паркирањето на местата резервирани за возилата на лицата со посебни потреби покрај тоа што е незаконски акт, тоа е истовремено нехуман, неетички, нечовечки, себичен и безобзирен чин кој заслужува највисоко ниво на морална осуда, наведува во својот денешен апел Републички совет за безбедност во сообраќајот и на патиштата.
Во него се укажува дека дополнителен проблем во сообраќајот претставува фактот што еден дел од возачите се паркираат непрописно.
-Понекогаш зафаќаат место за две или повеќе возила или пак се паркираат на начин на кој што блокираат едно или повеќе возила, па дури и цели улици, влезови во деловни објекти, згради итн. Друг дел од возачите паркираат на тротоар, на пешачка или велосипедска патека односно на недозволени места, на приватни паркинг места, на места резервирани само за локални станари итн. Секое погрешно паркирање значи прекршување на законот и загрозување на безбедноста на учесниците во сообраќајот, се наведува во апелот.
РСБСП укажува дека паркирањето е одраз и на личната култура, етика и одговорност на возачот.
-Апелираме возачите да покажат повисоко ниво на култура, етика и одговорност, да паркираат совесно и свесно и да не ги зафаќаат местата резервирани за возилата на лицата со посебни потреби. Оставете ги слободни паркинг места на оние на кои им се најпотребни. Проблемите со кои се соочуваат лицата со посебни потреби се доволни и не дозволувајте вие со вашето однесување дополнително да им го отежнувате нивното секојдневно функционирање. Тоа е ваша хумана и ваша законска обврска. Според Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата возачот, односно сопственикот на возилото не смее да запре или паркира возило на места предвидени за движење и паркирање на лица со посебни потреби и на паркинг место кое со дополнителна табла, сообраќаен знак или ознака на коловозот е обележано како место за паркирање на возила за лица со посебни потреби, потенцира Советот.