Општина Аеродром често се фали дека е најурбанизираниот дел од Скопје. Па дури и дека е општина која е следена од другите.
Од понеделникот по дворовите на основните училишта во Аеродром пред построените ученици се слушаше интонирањето на државната химна. Тоа е прва општина со ваква активност која пред години ја имаше, па престана да се прави.
Ова предизвика полемики во јавноста со многу ставови „за“ и „против“. Ставот на градоначалникот Тимчо Муцунски, кој стои зад оваа одлука, е дека со таа иницијатива ќе се изразува почитта кон татковината и ќе се подигне националното чувство и љубовта на децата кон Македонија.
Тоа, секако, е легитимен став за обред кој се практикува и во некои други земји од истите причини како и во оваа скопска општина. Но, дали општинскиот градоначалник ќе прави и други работи со кои ќе се всадува патриотизмот кај најмладите генерации аеродромци?
Чувството на љубов кон Македонија треба да се развива и на други начини. На пример, со грижата на општината за добро уредени училишта и нејзините дворови и спортски игралишта. Има многу што да се направи подобро.
Потоа, учениците треба и надвор од училиштата (низ општината) да гледаат донаправени улици, чисти плоштади, слободни тротоари, покосени тревници, собрани лисја и гранки, нови инфраструктурни градби… Без сето тоа интонирањето на химната ќе бледнее.
Да не зборуваме колку е важно да има исполнување на изборните ветувања и од споменатиот градонбачалник и од сите други избрани функционери. Тоа е исто така важно за подигање на патриотизмот.
Да беше интонирањето на химната единствениот начин, лесно ќе беше.