Неколку илјади деца учествуваа на бадниковите поворки низ земјата

Неколку илјади деца во повеќе градови денеска излегоа на улиците на бадникови поворки, пеејќи ја песната „Вечниот Бог“. Во повеќе места, вклучително и во Скопје, настаните ги организираа или ги поддржаа општинските власти.

Во Скопје поворката почна од Старата железничка станица, а децата, носејќи божиќни ѕвезди и пеејќи ја песната, чекореа по улицата Македонија до централниот плоштад, каде што во близина на новогодишната елка уште минатата година беше поставена макета од божиќна пештера.

Во Битола, како што пренесува државната агенција МИА, имало околу пет илјади учесници, а поворката се движела по централната улица „Широк сокак“, до Офицерскиот дом.

Поворката по осми пат се организираше во Кавадарци, а децата чекореа од црквата „Света Петка“, преку централното подрачје, до плоштадот, каде што се наоѓа општинската зграда.

Бадникова поворка од соборниот храм „Св. Кирил и Методиј“ до централниот плоштад имало и во Тетово, каде што на крајната дестинација имало настап на детски хорови и на културно-уметнички друштва.

Поворката во Струмица ја организираше фондацијата „Елеуса“ при Струмичката епархија и Школата за веронаука при храмот „Свети Кирил и Методиј”, и со поддршка на Општина Струмица. На плоштадот „Гоце Делчев“, каде што се собрале децата, исто така имало културно-уметничка програма.

Поворката од околу седумстотини деца имало и во Крива Паланка. Децата тргнале од плоштадот „Карпошово востание” пред општината, се движеле низ централната градска улица, сѐ до плоштадот каде што на сите им биле поделени божиќни колачиња кои за оваа пригода ги подготвиле учениците од Средното општинско училиште „Ѓорче Петров”-Крива Паланка.

Претходна вестПожар во автосервис во Сарај, опожарени четири патнички возила
Следна вестСкопје и денеска најзагаден град во Европа