Неколку стотини полицајци ја бараат исчезнатата Вања

Неколку стотини полицајци ја бараат исчезнатата Вања, соопшти министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски. Проверени се и подруми, речното корито на Вардар, како и околните цркви и манастири.

– Исчезната Вања Ѓорчевска е најважниот приоритет на секторот за внатрешни работи и посебно формираниот штаб, кој изминативе пет дена е во секојдневна комуникација со родителите, роднините, пријателите и со соучениците, истакна Спасовски.

Тој соопшти дека се прегледуваат и околните камери.

– Секојдневно се преземаат низа активности. Вклучени се неколку стотини полициски службеници, кои исклучиво работат на оваа проблематика. Предводени се од началникот на секторот за внатрешни работи и од помошник-началниците, целото раководство е насочено кон оваа активност. Преземаме опсежни мерки. Не зборувајќи за детали, опсежни мерки. Искористување на сите можни капацитети за јавната безбедност, кои значат, пред сè, подигнување камери. На 50 места со камери се преземени и прегледани. Целосно е во функција системот „Сејв сити“, каде што исто така се преземаат мерки. Сите податоци од телеком-операторите, кои може да бидат важни, се прегледани. Десетици и десетици лица се преслушани за информации за овој настан. Преземени се електронските уреди од семејство и од девојчето, се вештачат, од некои од нив се земени податоците. Имаме одредени податоци од овие уреди, кои може да бидат од помош на истрагата и целата постапка. Се пребаруваше и речното корито на Вардар, сите подрумски простори, не само во околината туку и пошироко. Се работеше на пребарување, односно добивање податоци и информации од црквите и манастирите што се во близина на Скопје. Имаме опсежна активност и тука нема да се застане, рече министерот Спасовски.

Министерот најави дека за исчезнатото девојче ќе информираат на дневна основа и апелира да не се шират дезинформации оти наштетуваат на истрагата. Заедно со јавен обвинител, ќе преземат мерки против сите што досега рашириле лажни вести за што многумина веќе биле повикани во полициските станици.

Претходна вестГерманија има повеќе кираџии, отколку сопственици
Следна вестВласта наголемо преговара за нов клинички центар, има ли поддршка од опозицијата?