Неколку ученици од подрачјето на општина Гази Баба биле повредени во тепачките што се случиле во автобусите на ЈСП „Скопје“ во изминативе денови. Околу оваа појава денеска алармираше општинскиот градоначалник Бобан Стефковски кој најави ангажман за надминување на оваа појава.
-Изминатите неколку денови во континуитет се случуваат инциденти во автобусите на ЈСП кои поминуваат од Ченто, преку Сингелиќ до Стајковци. Во инцидентите се повредени ученици, деца жители на тој дел од општина Гази Баба, напиша Стефковски во објавата на својот профил на Фејсбук.
За понеделник е закажана седница на Советот за превенција на општина Гази Баба на која се поканети преставници од Месната заедница Сингелиќ и Месната заедница Стајковци како и преставници од надлежни институции. На седницата ќе бидат предложени мерки и заклучоци за надминување на состојбата.
– Утрово испратив допис до Полициската станица од општа надлежност Гази Баба во кој побарав зголемено полициско присуство во критичниот период на полициски службеници во самите автобуси на ЈСП „Скопје“. Јавно апелирам до младите но и нивните родители да се разговара и вакви случувања во иднина да не ни се повторуваат. Апелирам и до МВР да превземе соодветни мерки со цел расчистување на изминатите настани но што е и најважно превенција од идни вакви и слични немили настани, вели Стефковски.