Нема веќе активни пожари во пошироката област на Атина, но службите остануваат во состојба на висока готовност, изјави шефот на грчките пожарникари Василис Ватракојанис. Поблагите ветрови и натчовечките напори на пожарникарите помогнаа огновите да се стават под контрола откако стигнаа до северните предградија на Атина.
Ситуацијата е подобрена, во овој момент нема нови огнени фронтови, само спорадични пламени, кажа Ватракојанис.
Властите велат дека и натаму има висок ризик од нови пожари зашто дневните температури и во следните денови ќе бидат над 36 Целзиусови степени и се очекува засилување на ветровите.
Една 63-годишна жена загина, а десетици луѓе беа повредени во пожарите кои зафатија површина од над 40.000 хектари, а илјадници локални жители беа евакуирани од своите домови. Чадот над Атина се расчисти, но небото остана матно.
Првиот пожар избувна во неделата попладне 35 километри северно од Атина и потоа зафати неколку села на периферијата, од кои едно се наоѓа 14 километри од центарот на градот. Во гаснењето учествуваа повеќе од 700 пожарникари, 200 возила и 35 противпожарни летала.