Колумна на Наташа Котлар – Трајкова:
За (не)среќа, жешково лето ни е богато и со жешки теми! Иако не се во некој ред и повеќе хаоточно осцилираат, темите се предупредување за да се подготвиме за нашево битисување во скора иднина.
Пред Илинден е изгласан Законот за државјанство – содржина која буди огромни сомневања и недоследности, годишнините на двата Илиндена (1903 г. и 1944 г.) се недолично одбележани од властодршците и со бунтовна народна реторика, справувањето со вирусната пандемија е несоодветно, проследено со хамлетовска дилема – вакцинирање или не?
Згора на ова се насобраа белосветски пензионирани ликови, небаре поводот бил значаен – одбележување на Рамковниот договор (2001) настапувајќи со недоследни, на моменти комични, но навредливи говори за здраворазумните, а тематски поставени – еднаш рекол едно, а потоа одрекол!
Затоа овде внимание ќе посветам на прашањето – зошто Првото заседание на АСНОМ (2 август 1944 г.) е значајно за македонскиот народ и за националните малцинства, наспроти современите настани, документи и манифестации. Првото народно и антифашистичко собрание е „симбол на македонската слобода и изразител на македонскиот суверенитет“, прогласувајќи ја македонската држава (на ослободената територија) за слободна татковина на македонскиот народ и на сите народности кои живеат во неа. Накратко, моќта на овој историски настан е во неговиот државотворен капацитет, темелен врз историско-културното и духовното наследство, како и вековна борба на македонскиот народ за слобода и традициите на илинденската Крушевска република. И покрај суровата судбина која ги следеше државотворците и нивните одлуки, оваа асномска содржина остана ненадмината и тогаш и сега, заради сенародниот обединувачки, демократски и државно-правен капацитет и одговорност. Но сето ова им недостасува на Рамковниот договор (2001), на Добрососедскиот договор (2017), на Преспанската спогодба (2018), на Уставот од 2019 г. и на сè она што произлезе како законска форма и содржина од нив.
Затоа и неодговорното решение на „северната“ власт да згрижи на македонска почва, бегалци од авганистанското боиште е неприфатлива и веднаш треба да се пресече во коренот. Ова севкупно однесување говори и за тоа дека повеќето од луѓето (во Македонија, а и ширум светот) не ја сакаат слободата бидејќи таа условува одговорност, која пак е застрашувачка за многумина овде, но и надвор. Наравоучение – војните на „Големите“ не се и македонски војни, ниту пак последиците од нив.
Не се рекло попусто во народната низина: „Своето не го даваме, а туѓото не го сакаме“!