Невакцинираните во Грција од 13 септември нема да велгуваат во затворено, а вработените нон-стоп ќе се тестираат на своја сметка

Влез во затворени простори само за вакцинирани, задолжителни брзи тестови еднаш или два пати неделно за невакцинираните вработени во јавниот и приватниот сектор, но на сопствен трошок, по десет евра од тест, задолжителен негативен тест за патување со брод, автобуси, воз или авион за невакцинираните.

Ова се дел од мерките во Грција, кои стапуваат во сила на 13 септември и ќе важат до 31 март следната година.

Ваквите мерки се носат откако е утврдено дека врз основа на податоците од Националната организација за јавно здравје, над 90 отсто од пациентите на Одделите за интензивна нега наменети за ковид-19 се невакцинирани.

И за невакцинираните вработени во туризмот, образованието, угостителство, во телевизиските, театарските, кинематографските и музичките продукции, како и за студентите задолжени се два теста неделно на сопствен трошок.

За учениците, задолжителни се два селф – теста неделно, кои ќе бидат бесплатни.

Граѓаните кои планираат да патуваат со автобус, воз, брод или авион кон сите дестинации во Грција, а се невакцинирани, ќе треба, 48 часа пред патувањето да направат брз тест, исто така по цена од десет евра.

Од 13 септември во државните дијагностички центри, тестовите ќе бидат бесплатни само за вакцинираните или за лицата со симптоми.

За невакцинираните, за онаму каде што ќе им бидат потребни негативни рапид тестови, ќе треба на свој трошок да се тестираат.

Влез во внатрешните делови на кафулињата, баровите, рестораните, таверните, ноќните клубови, како и во спортските сали, од 13 септември ќе биде дозволен само за вакцинирани лица и за оние кои во изминатите шест месеци прележале ковид-19.

За театрите, музеите, археолошките локалитети, како и за фитнес центрите и спортски клубови, влез е дозволен за вакцинирани, за оние кои прележале, но и за оние кои имаат негативен тест направен 48 часа претходно.

Маската и натаму е задолжителна во затворените простори, но и надвор доколку има гужва.

Од 1 септември на принуден одмор одат здравствените работници и вработените во болниците кои ќе одбијат да се вакцинираат, а задолжителната вакцинација се однесува и на приватни лекари и на фармацевтите.

За да се стигне до посакуваниот колективен имунитет од 80 отсто, потребно е да се вакцинираат уште околу еден милион граѓани во Грција.

Претходна вестНаграда за најдобра режија за „Хомо“ на фестивал во Индија
Следна вест„Изи Џет“ влегува кај нас од ноември со линијата Скопје- Женева