Триесет и осум граѓански организации денеска побараа посебен закон за заштита на Водно од сите аспекти, а не како што се предлага во одлуката од Министерството за животна средина, за прогласување на Водно како заштитено подрачје од петта категорија.
Жителите на Скопје се доведуваат во опасност од поплави и ерозии, бидејќи со овој предлог се заштитува само биодиверзитетот, велат професори и еко – активисти кои учествуваа на денешната прес-конференција во Градскиот парк.
Тие побараа Владата да ја запре постапката за прогласување на дел од планината Водно за заштитено подрачје од петта категорија и да обезбеди сестрана интегрирана заштита на Водно со носење посебен закон во консултација со експертската јавност.
-Дали сакаме да ни се случи пак една работа како патот за Сончев град? И тогаш се игнорираше експертизата. Бараме повлекување на оваа постапка и бараме експертска меѓуресорна комисија. Од Министерството за животна средина се формираше техничка група каде што имаше само институции, не се знае што се дискутираше, какви се забелешките и се носи став само од секторот за природа, а природниот аспект е само мал дел од заштитата на Водно, порачаа од „О2 иницијатива“.
Зошто се против актуелната иницијатива која Министерството ја испрати до Владата?
-Законот за заштита на природата има само за цел за заштита на природното наследство, меѓутоа го потенцирам терминот природно наследство, ако ги земеме фактите дека Водно е вештачко пошумено, тогаш како може оваа вештачки подигната шума да биде според Законот за заштита на природа, каде што се вреднуваат природните вредности? Според тој законот за заштита на природа, во секое заштитено подрачје има четири заштитени зони. Според предлогот на студијата или зонирањето на планината Водно, во зоните за активно и одржливо користење дозволени се секакви активности. Повторувам, секакви активности. Затоа прашувам која ќе биде разликата ако Водно досега беше парк – шума, а сега се вика заштитен предел од петта категорија. Која ќе биде разликата во заштитата на овој предел? , вели Македонка Стојановска, продекан на Шумарскиот факултет во Скопје.
Од МЖСПП вчера во соопштението истакаа дека овој закон што тие го предлагаат, не спречува да се донесе и посебен закон за Водно.