Колумна на Никола Тасев:
Значи мајстори се да направат хаос! А цело време ќе ти зборуваат дека работат на смирување и подобрување на ситуацијата во Македонија. За кого зборувам? Па за политичарите, особено кога се на власт. Треба ли да објаснувам во каква ситуација заглавува се подлабоко нашето општество и како властодржците сега имаат нов приоритет?
Тие вртат деновиве со дигитроните – збираат пратеници. Пиши – бриши: кој има повеќе, кај кого е мнозинството? Да даде оставка Заев оти ја вети или што има врска дека ветил дај да си тера по старо? Ќе успее ли Мицкоски да го додржи мнозинството што го презентираше пред некој ден?
Многу прашања, а одговорот е еден: кој и да докаже мнозинството во Собранието, тоа ќе биде многу тенко и тешко одржливо. Затоа на Македонија под итно и треба преодна влада која ќе организира брзи парламентарни избори. Ете тоа треба да се договорат партиите. Па народот, кој во моментов е немоќен да смени нешто во ситните партиски пазарења, нека го даде решението. Само тој може да каже кој треба да ја води идната влада. Така и ќе се излезе од хаосот.
Пред сите нас е период исполнет со предизвици: животниот стандард опаѓа, струјата ќе поскапува и неизвесно е дали ќе ја има доволно, инфлацијата се заканува, инвеститори веќе одамна никој не споменува, короната се заканува со нов бран, а притиснати сме и на забрзани преговори со Бугарија… Затоа под итно е потребна нова политика, реформирана економија, повисок стандард на граѓаните… потребна е надеж!
А народот на сегашната влада и покажа дека во неа не ја гледа надежта, затоа што не се решаваа(т) проблемите. Напротив многу проблеми излегоа од нејзиното владеење. Мнозинството граѓани токму поради ова гласаа и испратија силна порака дека се незадоволни како Заев ја води државата.
Надежта може да ја врати само влада што е обединувачка, стручна, посветена, чесна… а министрите да одговараат исклучиво на народот, наместо на партиските шефови. Во новата влада не смее главна препорака на министрите да биде блискоста до лидерот и стажот во партијата, туку знаењето и искуството во ресорот што ќе го води. Важно е врвот на власта да ги подигне до максимум стандардите на однесување и системот на вредности. Новата влада не смее да почива на принципот на уцена и поделба меѓу чинителите: толку за тебе – толку за мене, како што беше досега.
Ниту пак главна препорака за вклучување во новата влада треба да биде кој какви чизми има на таван. Зарем македонското општеството не напредна за овие 20 години и зарем се уште треба да не плашат со стари чизми? Особено од оние чизмари, кои се возат во скапи автомобили и цицаат од државниот буџет. Што беше тоа „едно општество за сите”? И тука ли киксна Заев? Може ли да носат прогрес тие кои со чизми се бафтаат и мафтаат?
Затоа, на државата и требаат брзи избори… на народот му треба нова иднина, нов систем, нова надеж, нови лица… На Македонија и требаат луѓе кои во чизми ќе градат патишта, ќе копаат нови рудници…