Никнуваат нови партии, се силат старите партии, а граѓаните…

Македонија кризира на секое поле. Има и политичка криза, а и криза на политиката. Е оваа последнава ќе се лекувала и со нови партии кои почнаа да никнуваат во последно време.

„Демократско движење“, „Европска демократска партија“, „Движење ЗНАМ“, „Правда… сето ова се нови политички партии кои се настанати или се во процес на настанување последниве недели во Македонија. Што ќе донесат тие на политичкото поле? Кои стари партии ќе пострадаат од појавата на новите?

Во Македонија има над 60 регистрирани политички партии. Сериозно влијание врз животот во земјава имаат околу 25 од нив.

Речиси секоја анкета покажува голема разочараност на граѓаните од повеќето партии и од нивните лидери. Неодамнешната анкета на ИПИС покажа дека дури 39,7 отсто од анкетираните одговориле дека немаат доверба во ниту еден политичар. Ништо подобро не помина ни довербата кон партиите, каде што 18,3 отсто не би гласале за ниту една партија, 14,7 отсто немале одговор. 

Дали новите партии ќе го поправат овој впечаток на граѓаните? Ќе бидат ли навистина различни од досегашните постари партии кои во минатите 30 години ја практикувале власта? 

Наближувањето на изборите сигурно дека е еден од поттикнувачките фактори за собирање на 1.000 потписи за регистрирање на партија. Голем стимул за ова се и внатрепартиските судири коишто се случуваат и по што доскорешните високи партиски функционери се решаваат за формирање на партија. Примерот од партиите во власта го покажува тоа: Максим Димитриевски по судирот со раководството на СДСМ решава да формира ЗНАМ, Изет Меџити по судирот во врвот на ДУИ направи Демократско движење, Ајранит Хоџа по разидувањето во Беса настапи со Европска демократска партија, потписи, неофицијално, собира и актуелната скопска градоначалничка Данела Арсовска по судрот со ВМРО-ДПМНЕ… 

Ќе има ли уште незадоволници кои ќе прават нови партии? Кои стари партии ќе се ситнат, а со самото тоа и пропагандно ќе се силат дека баш сега се посилни од кога било?

Сепак, најважното прашање е: Ќе имаат ли сите партии веќе извлечен заклучок дека во овие 30 години на македонските граѓани им се смачи од партии кои даваат лажни ветувања. И дека им е доста од партии полни со приучени кариеристи на кои прво вработување им го наоѓа партијата ако се приграби до власта.

Такви, освестени партии и треба на Македонија!

Претходна вестГерманците даваат отказ бидејќи повеќе им се исплаќа да се невработени
Следна вест„Народен непријател“ на МНТ го отвори Меѓународниот театарски фестивал „Отело“