Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје ги отфрли кривичните пријави на ВМРО-ДПМНЕ и Левица против претседателот на Собранието Талат Џафери и пратениците Бисера Костадиновска од СДСМ и Мирослав Богдановски од ДОМ, кои беа позитивни на ковид-19, но дојдоа во парламентот со своите гласови да обезбедат мнозинство за носење на антикризниот пакет мерки.
Двете опозициски партии поднесоа кривични за непостапување според здравствените прописи за време на епидемија и за пренесување заразна болест, а од Обвинителството велат дека тоа не се кривични што се гонат по службена должност. ОЈО Скопје утврдило и дека протоколите од Комисијата за заразни болести биле испочитувани и спикерот и двајцата пратеници не прекршиле ниту еден пропис.
ОЈО Скопје утврдило дека двајцата пратеници биле на седниците, дека имале решенија за изолација и биле во домашна изолација без изразена клиничка симптоматологија. Но, од ниту еден доказ не произлегло дека тие презеле дејствија со кои ги прекршиле или не постапиле согласно прописите и наредбите издадени од надлежен орган и со тоа предизвикале пренесување заразна болест и нарушување на здравјето на населението.
Тие, смета ОЈО, постапиле согласно протоколот за работа во услови на пандемија донесен од Комисијата за заразни болести, поради што, по анализа на пријавите, прилозите кон нив и прибавената документација, јавниот обвинител оценил дека во дејствијата на пријавените не се содржани елементите на наведените кривични дела ниту пак друго дело кое се гони по службена должност.
На одлуката на основното обвинителство, ВМРО-ДПМНЕ има право во рок од 8 дена да се жалат до Вишото јавно обвинителство Скопје.
За овој настан имаше и кривична пријава против Собранието како правно лице. Парламентот беше пријавен за три кривични дела: пренесување заразна болест; непостапување според здравствените прописи за време на епидемија и тешки дела против здравјето на луѓето.
И оваа кривична е отфрлена бидејќи Собранието е државен орган.