Никола Груевски: Користев два стана на име на мајка ми, другите два се под закуп

Во зградата на улица „Бихаќка“ низ годините наназад користeв два стана во сопственост на мајка ми, а во одреден период имав извршено и закуп на други два стана на истиот кат за што имам договор, објави вчера попладне поранешниот премиер Никола Груевски на Фејсбук. Тој го даде ова објаснување по вчерашните информации дека по барање на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција вчера е извршен претрес во повеќе објекти во рамки на истражните дејствија во предметот во јавноста познат како „Плацеви на Водно“. 

Според сознанијата, при претресот во зградата на улица „Бихаќка“ се откриени уште два стана кои ги користел Груевски, но биле со други сопственици. 

-Како што на јавноста одамна и е познато јас низ годините наназад користев два стана во сопственост на мојата мајка купени на кредит пред дваесетина години. Покрај тоа, во одреден период имав извршено и закуп на два други стана на истиот кат каде живеев, а од кои имав потреба, и кои се со помала квадратура, за што поседувам договор за закуп од сопственик со кој немам никаква поврзаност. Не постои ништо друго надвор од тоа. Не постои никаков скриен имот, стан или земјиште. Ниту сум купил, ниту платил, ниту продал било какво земјиште, стан или друг движен и недвижен имот, што впрочем може да се провери и во катастерот. Надвор од ова, мојата мајка не поседува никаков стан во Аеродром. Поседува стан во Капиштец купен на кредит во 1984 година. Не постои некаков мој стан на име на моја секретарка како што денес напишаа дел од медиумите, објави Груевски.

Според него, истрагата за предметот „Плацеви на Водно“ во која тој е осомничен дека злоупотребил партиски пари е „безочна лага и невистина“.

-Тоа го прават затоа што не знаат што друго да смислат за да ја затворат лажната конструкцијата за која имаат исклучително политички мотиви и која е дел од политичкиот прогон против мене и обид за мое оцрнување и преставување во очите на јавноста тоа што не сум. И веројатно тука нема да запрат. Подолг период власта врши притисок, уцени и закани врз лица да ги натераат да бидат лажни сведоци дека нешто што е нивно или нечие, било мое. Употребуваат најбрутални методи од најниски лични уцени и тешки закани по нивната слобода, семејство и имот, па до одредување притвори и други нечовечки методи, потенцира Груевски.

Претходна вестВо недела стрелките на часовникот одат еден час напред, дали ќе биде за последен пат?
Следна вестПартиите од владината коалиција се раздружуваат од СДСМ за локалните избори