„Република Македонија воведува сопствена парична единица што ќе го носи името „денар“ и еве задоволство ми е да видите како тие парични единици се печатени..“ Со овие зборови во април 1992 година од собраниската говорница беше промовирана прва македонска валута „денар“. Обзнанувањето го направи првиот македонски премиер во осамостоената независна македонска држава Република Македонија Никола Кљусев. Тоа е историски чин.
Секако, историски момент беше и создавањето на прва македонска Влада, првиот повеќепартиски парламент, сопствената војска, спортски репрезентации…
Една од водечките улоги во сетиот овој процес имаше токму академикот Никола Кљусев. Го споменуваме денеска поради фактот дека на овој ден во 2008 година тој почина оставајки позади себе дела кои ќе бидат паметени.
Роден на 2 октомври 1927 во Штип Кљусев, каде го завршил основното и средното образование, тој уште како млад се приклучил на партизанските единици на Македонија и зел учество во Антифаштичката борба во периодот од 1942 до 1945 година. Потоа, во 1947 година заминал на студии на Економскиот факултет во Белград каде и дипломирал. Следи негово вработување во Институтот за научно истражување во индустријата на НР Македонија во Скопје, а потоа и неговиот избор за вонреден и за редовен професор на Економскиот факултет во Скопје. Во тој период за првпат на Економскиот факултет вовел два нови предмети: „Теорија и политика на стопанскиот развој“ и „Инвестиции – теорија, политика, економика – оценување и избор“. Никола Кљусев и за двата предмети објавил учебници кои биле користени на сите Универзитети во Југославија. Долги години бил раководител на постдипломски студии од областа на економски развој и бил ментор на десетици магистерски и докторски дисертации.
Во периодот од 1985 година до 1987 година бил декан на Економскиот факултет во Скопје, а веќе во наредната 1988 година бил избран за член на МАНУ.
Сето тоа доволно кажува дека неговиот избор за прв македонски премиер не бил случаен и дека тој со својата работа се покажал како успешен.
Но, политичите и партиските комбинаторики кои почнаа да се прават во 1992 година и пресудија на тогашната експертска Влада. Но, тоа не беше крај за ангажманите на Кљусев. Тој во периодот од 1 декември 1998 до 28 јули 2000 година беше избран за министер за одбрана во Владата на Љубчо Георгиевски, а во 2006 година бил именуван од Владата на Република Македонија за претседател на Управниот одбор на Агенцијата за директни странски инвестиции.
За жал, потоа брзо и почина , на денешен ден пред 16 години, на 16 јануари 2008 година. Но, споменот на него се чува. За својот научен придонес академикот Никола Кљусев е одликуван со Орден Златен венец и е носитела на наградата „13 Ноември“, а за животно дело ја добил наградата „11 Октомври“, како и бројни пофалници и признанија во земјата и странство. Од страна на поранешниот претседател на државата Ѓорѓе Иванов, посмртно беше одликуван со орденот „8 Септември“.