Николоски предлага со специјални закони да се забрани градењето во Центар и Карпош

Министерот за транспорт и врски Александар Николоски предлага да се донесат специјални закони за општините Центар и Карпош со кои ќе се затворат сите прашања со урбанистичкото планирање.

Предлогот го изнесе денеска на седницата на собраниската Комисија за транспорт,  која го проследи во натамошна процедура  Предлог законот за измени и дополнувања на Законот за урбанистичко планирање, по скратена постапка. Николоски соопшти и политичка заложба додека е тој министер на седница на Совет на Општина Карпош нема да дојде ниту еден урбанистички план кој е поврзан со станбено домување.

–  Во општините Центар и Карпош се случуваше и се случува урбанистички хаос. Стојам на располагање да донесеме специјални закони за двете општини  на ист начин како што направивме за градот Охрид, да ставиме јасни критериуми по кои ќе се развиваат и да ставиме  забрана за градење да речеме во следните 20 години. Но, тоа да не биде лабилен мораториум како што направи Општина Центар па имаше мораториум за секаде освен за ул. „Козара“ и за „Дајмонд“. Не гледам дека некој во јавноста реагираше што се кренаа четири кули по 25  ката од страна на Лимак, но се реагира за многу други работи. Со овие специјални закони ќе го ограничиме развојот таму, но не може заради две општини во кои се случувал хаос во изминатиот период да ја  казнуваме цела држава. Остатокот од државата мора да се развива, народот ни се исели и не смееме да продолжиме да функционираме на тој начин, рече Николоски.

Образложи дека целта на измената на Законот е да се подностави процедурата за изградба на училишта, градинки, амбуланти, болници и катни гаражи кои се целосно финансирани од Буџетот на државата или од буџетите на општините и се во целосна општинска или државна сопственост.

Претходна вестПочина легендарниот македонски кошаркарски тренер Лазар Лечиќ
Следна вестЗапленети 192 килограма анаболични стероиди вредни 90.000 евра