Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, порача дека уставни измени под бугарски диктат нема да има ни пред ни по изборите.
-Година ипол трае оваа приказна. Уставни измени под бугарски диктат нема и нема да има. Ова е затворено прашање, истакна Александар Николоски во интервју за „Радио Слободна Европа“.
Тој рече дека за нив ова прашање е затворено.
-Го затворивме тоа прашања, уставни измени нема да има. Беспредметно е воопшто да влегуваме во тези и хипотези кои што единствена цел имаат да се замајува јавноста од вистинските теми, а тоа на пример е како е возможно Државна лотарија да се исели од државни простории и да оди во приватни , да потпише 2.6 милиони евра кирија и потос таа фирма е купена од син на пратеник од ДУИ“, потсети Николоски.
Во однос на преговарачката рамка, потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Николоски рече:
-Тоа се работи за кои што треба да понесат одговорност овие кои што прифатија ваков бугарски диктат. Затоа што ова е понижување за Македонија. И ние секако сме спремни да разговараме за продолжување на европскиот пат на Македонија, но само доколку и ако и Бугарија е подготвена да направи чекори. Бугарија треба само да го испочитува она што е основен принцип на владеење на правото, а тоа е помеѓу другото и почитување на пресудите на Европскиот суд за човекови права во Стразбур, кој што е највисок суд за човекови права во Европа, рече Николоски.