Новата власт во Северна Македонија се доведе во тешка позиција и треба да излезе од неа. Употребата на уставното име во писмена форма, но не и во усна, ќе предизвика континуирани проблеми и конфузија, изјави Метју Нимиц за „Катимерини“, јави дописничката на МИА од Атина.
-Што ќе се случи ако треба да напишат една изјава употребувајќи „Северна Македонија“ и во продолжение да треба да ја прочитаат на глас? Ова политика не е одржлива долгорочно и нема да им дозволи да ја играат соодветната улога во светската заедница, вели поранешниот специјален претставник на ОН во македонско-грчките разговори за името.
Во интервјуто што е под наслов „Сите да размислат што добија од Преспа“ Нимиц говори за придобивките од Договорот, но и за ставовите на новата Влада кај нас. Тој објаснува дека понекогаш кога некој е во тешка ситуација, „најдобриот пристап е да се препознае тешкотијата и да се одлучи да се надмине“.
-Ако некој следи погрешен пат, најдоброто решение, кога ќе го сфати тоа е да се коригира. Самоуверена и психолошки силна личност ќе го направи тоа брзо, нагласи Нимиц.
Вели дека новата власт „треба да посвети малку време да размисли мирно, без да дава многу изјави, која ќе треба да биде нејзината политика“ во однос на Грција, на другите соседи, на ЕУ, а особено во внатрешноста на земјата, посочувајќи дека „извојуваа импресивна политичка победа, но таа поддршка лесно може да се изгуби“.
-Националните лидери ќе треба да препознаат дека времињата се опасни, особено за малите земји што се во нестабилен регион. Позитивните односи со соседите треба да бидат врвен приоритет. Веќе немам никаква формална или неформална улога. Целосно се повлеков од јавниот живот. Но, ако треба да дадам препораки до Скопје, би ги повикал 80 отсто од својата енергија да ја фокусираат на спроведување внатрешни реформи во области како што се борбата против корупцијата, силно јавно управување, владеењето на правото, образованието, економскиот развој и конструктивни меѓународни односи. Исто така, да се опстои во напорите за влез во ЕУ и покрај разочарувањата, вели Нимиц.