Ништо од договорот пред две недели, матичните лекари утре повторно на протест

Матичните доктори и докторите специјалисти од секундарното здравство, од Здружението на приватни лекари утре повторно ќе протестираат на истиот начин како и на 18 февруари –  нема да работат со пациенти закажани преку „Мој термин”, туку ќе примаат само итни случаи.

Протестот се случува две недели откако заедно со заменик-министерот за здравство Владимир Рендевски објавија дека се договориле за решение на нивните барања.

Но, до денес тие не се повикани за да се формираат работни групи, кои ќе работат на проблематиката. Рокот од две недели истече денеска напладне.

Од Здружението велат дека на состанокот пред две недели ги определиле точките по кои ќе работат работните групи, односно кои ќе бидат со Министерството за здравство, а кои со Фондот за здравство. Приоритет е зголемување на вредноста на капитацијата и режимот на лекови, за кои им било ветено.

Матичните лекари бараат да се подигне цената на капитацискиот бод по пациент, за која беа ветени 95 денари, како и измени на Законот за здравствена заштита со кои сите пациенти наместо да бидат „врзани“ за факсимилот на лекарот ќе ѝ припаѓаат на матичната ординација. Незадоволни се, како што велат, и од недостигот на поддршка во примарното здравство во текот на целата пандемија.

На средбата пред две недели обете страни изразија задоволство и најавија дека проблемите наскоро ќе се решат.

 

Претходна вестНови 467 заразени и 14 починати
Следна вестМакрон разговарал со Путин, се чека продолжението на украинско-руските преговори