Ништо од договорот за улицата „Васко Карангелески“, граѓаните попладнево на протест

Протест со кој ќе се бара Градот Скопје да го запре проширувањето на улицата „Васко Карангелески“ во скопската општина Аеродром, ќе организира денес попладне граѓанската иницијатива Зелен хуман град.  Во поканата до граѓаните се наведува дека цел е да се спротивстават на проширувањето на улицата на 4 ленти и на губењето на зеленилото.

-Не е прифатливо проширување на улицата на 4 ленти до основно училиште каде што децата ќе бидат во постојана опасност да бидат прегазени на булевар со 4 ленти. Не е прифатливо да се изгуби огромен појас на зеленило каде што локалците наместо да се движат по зелена патека ќе треба да се движат по асфалт со издувни гасови од густ сообраќај. Не е прифатливо да се пресадуваат дрвја кои имаат многу мали шанси да преживеат, се наведува во повикот до граѓаните.

До протестот доаѓа откако на почетокот на минатиот месец беше постигнат договор со ЈП „Паркови и зеленило“ граѓаните од оваа подрачје да се изјаснат околу плановите за дрвјата и зеленилото. До средбата дојде откако активистите на оваа граѓанска иницијатива најавија граѓански протест поради активностите на „Паркови и зеленило“ на оваа улица која се реконструира веќе подолго време. Тогаш беше договорено да се стопираат активностите на ова градско претпријатие на улицата.

Проблемот со дрвјата и зеленилото на оваа улица ескалира откако со започнатата реконструкција во мандатот на скопскиот екс-градоначалник Петре Шилегов беше предвидено нивно отстранување. На тоа се спротивставија граѓаните кои имаа неколку протести. Во април годинава граѓаните добиле уверување од градоначалничката Данела Арсовска дека нема да има проширување на улицата како што беше планирано во мандатот на Шилегов. Односно, дека ќе се проширува само едната страна од улицата до училиштето каде што веќе беа и исечени здрави дрвја. Но, проблемот се појави во ноември кога работниците на „Паркови и зеленило“ почнале со интервенциите и на другата страна од улицата.  Претходно, на ФБ страницата на ЈП „Паркови и зеленило“ беше објавено дека ќе се преместуваат 57 повеќегодишни дрвја.

Претходна вестИндија ќе ги помине Германија и Јапонија, станува трета светска економска сила
Следна вестЈУНАЈТЕД ГРУП станува членка на алијансата за одговорно работење