Повторно е неизвесно дали денска во македонскиот парламент ќе биде усвоен петиот антикризен пакет на економски мерки откако пратеничките групи повторно искажаа различни ставови околу одржувањето на седниците. Претседателот на парламентот Талат Џафери за денеска во 14.15 часот закажал 36. пленарна седница на чиј дневен ред се законите од петтиот пакет, а претходно во 14 часот е закажана 32. седница чие одржување на прифаќа опозицијата.
Кога се прекина седницата минатиот четврток Џафери инсистираше да се изгласа 21. точка од 32. седница, па потоа да се продолжи со 36-тата седница, а опозицијата бараше да се одложи гласањето доколку парламентарното мнозинство нема кворум и да се почне со 36-тата седница.
Координаторот на пратеничката група на СДСМ Јован Митрески соопшти дека тројца пратеници од нивните редови се во болница поради ковид-19, и поради тоа владејачкото мнозинство нема кворум.
Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски вчера рече дека пратениците од ВМРО-ДПМНЕ ќе присуствуваат на 36. седница на чиј дневен ред се законите од петтиот пакет, но не и на 32. седница.
– Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ ќе биде во Собранието и ќе учествува во работата на 36. седница. Доколку немаат пратеници, сите 44 пратеници на ВМРО-ДПМНЕ ќе бидат во пленарната сала. Нема да бидеме внатре на 32. седница. Работа на претседателот на Собранието е да констатира има или нема кворум за 32. седница. Доколку има кворум, работи по 32.седница и завршува со неа. Доколку нема кворум, не ја ни почнува или констатира и ја презакажува за некој нареден период, рече Мицевски.
Законите од петтиот пакет подолг период се заглавени во Собранието, а од овие закони зависи исплатата на платите за февруари и март, како и финансиската поддршка за економските оператори за излез од кризата предизвикана од пандемијата.
Од друга страна, од редовите на СДСМ се најавува и сценарио со кое ако постигнатиот договор на нивниот лидер Заев со Села и со Гаши за Законот за државјанство не придонесе за нормализирање на работата на Собранието, тогаш ќе бидат принудени, пратениците од мнозинството кои се болни од ковид да бидат донесени во салата и да учествуваат во работата со скафандери.