Македонскиот средношколец Дамјан Давков од Штип го освои бронзениот медал на 30. Балканска олимпијада по информатика (БОИ 2023) која денеска заврши во словенечкиот град Марибор. Во конкуренција на најдобрите средношколци во областа на компјутерските науки од 13 земји од Балканскиот полуостров и соседството, забележителен настап остварија и преостанатите тројца членови на македонскиот тим – Марко Петров и Софија Велковска од Скопје, како и Благој Рујаноски Стојановски од Прилеп, предводени од лидерите, д-р Емил Станков и Петар Ковачовски од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ).
Ова е нов успех на Дамјан Давков, ученик од Математичко-информатичката гимназија во Скопје. Во септември тој постигна голем успех откако на Европска јуниорска олимпијада по информатика освои златен медал.Тоа беше првиот златен медал којшто македонските информатичари го освоиле на овој престижен натпревар. Седма по ред ЕЈОИ 2023 се одржа во Кутаиси, Грузија, а на неа се натпреваруваат ученици на возраст до 15,5 години. Претходно, во јуни тој освои злато на Меѓународна математичка олимпијада во градот Чиба, Јапонија, а потоа во јули и бронза на светската Олимпијада по информатика што беше одржана во Сегедин, Унгарија.
На Балканскиот натпревар во Словенија секоја земја членка на БОИ иницијативата, чиј претседател е професорот на ФИНКИ, д-р Миле Јованов, учествува со тим составен од четворица натпреварувачи, избрани преку годишните национални натпревари во програмирање, како и лидер и заменик лидер на тимот. Учениците се натпреваруваат во решавање на алгоритамски проблеми во два натпреварувачки дена.
На годинешното издание на БОИ учествуваа вкупно 51 од најдобрите средношколци во областа на компјутерските науки од Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Кипар, Грција, Италија, Македонија, Молдавија, Црна Гора, Романија, Србија, Словенија и Турција, а во неофицијална конкуренција со свои тимови настапија и Швајцарија, Украина, Саудиска Арабија и Киргистан.
На крајот на овој месец нашата држава ќе биде домаќин на Балканската олимпијада по информатика во јуниорска конкуренција.