Начинот на кој беше претставен инцидентот на скопскиот аеродром на вчерашната прес-конференција е за жалење бидејќи уште повеќе придонесе за пропагандата против Република Косово, соопштија денеска од кабинетот на косовската претседателка Вјоса Османи. Врзано за инцидентот во кој беше вклучена и косовската претседателка оттаму велат дека претседателката на Република Косово никогаш не побарала пречекорување или прекршување на процедурите, туку почитување на меѓународните правила, како што се прави во целиот свет.
Во соопштението се наведува дека и покрај екстремно строгите безбедносни правила на аеродромите во голем број земји, тие го прифаќаат претседателот на државата како највисок претставник на државата и никогаш не бараат да се скенира ниту личната торба, камоли телефонот.
-Уште помалку се бара скенирање на целото тело бидејќи тоа, меѓу другото, би значело дека тие го третираат шефот на државата – значи и државата – како потенцијален ризик од тероризам, се нагласува во соопштението.
Според реакцијата од кабинетот на Вјоса Османи, вчерашната прес-конференција на двајцата премиери на Косово и Северна Македонија била за жалење.
-Начинот на кој беше претставен инцидентот во Скопје на вчерашната прес-конференција е за жалење бидејќи уште повеќе придонесе за пропагандата против Република Косово. Она што се случи на аеродромот во Скопје е јасно прекршување на меѓународните правила признати и применувани во светот, па затоа Претседателството очекува да биде известено за преземените мерки во врска со овие прекршувања, како што беше истакнато во протестната нота упатена од Република Косово, се вели во соопштението на кабинетот на Вјоса Османи.
Од кабинетот на косовската претседателка велат дека го поздравуваат изразувањето жалење од страна на премиерот Христијан Мицкоски, но додаваат дека досега институциите на Северна Македонија во ниту еден момент не се осврнале на прашањата покренати во протестната нота.
-Иако го цениме изразувањето жалење од страна на премиерот на Северна Македонија, за жал, досега институциите на Северна Македонија во ниту еден момент не се осврнаа на прашањата покренати во протестната нота поврзани со кршењето на меѓународното право во однос на Републиката Косово. Напротив, отворено и без никакво двоумење прифатија такво прекршување. За ова не се потребни дополнителни извештаи и истраги за ниту една фактичка состојба бидејќи тие се целосно ирелевантни пред јавното прифаќање на институциите на Северна Македонија дека ваквото правило е намерно наметнато, и покрај јасните барања на меѓународното право, се додава во соопштението на кабинетот на Османи.
Инцидентот од четвртокот на скопскиот аеродром во кој беше инволвирана косовската претседателка Вјоса Османи, беше една од темите на разговор на вчерашната средба помеѓу македонскиот премиер Христијан Мицкоски и неговиот косовски колега Албин Курти во Скопје. Мицкоски и Курти изјавија дека очекуваат правна разрешница за инцидентот на скопскиот аеродром.