И денеска продолжуваат воените дејствија во Украина. Продолживаат и мировните руско-украински преговори на 20-тиот ден од упадот на руските сили во Украина.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски синоќа во видеообраќање рече дека украинската делегација „завршила добра работа во текот на вчерашните преговори“, не наведувајќи дополнителни детали. Тој рече дека вчера разговарал и со израелскиот премиер Нафтали Бенет и оценил дека тоа е дел од напорите „брзо да се заврши војната“ и да се постигне „чесен мир“.
Бенет, кој се обидува да посредува за постигнување мирен договор, вчера разговарал и со рускиот претседател Владимир Путин.
Премиерите на Полска, Чешка и Словенија подоцна денеска ќе отпатуваат за Киев за да се сретнат со претседателот Володимир Зеленски. Посетата беше потврдена од полската влада, која рече дека целта на патувањето е да се потврди недвосмислената поддршка на целата ЕУ за суверенитетот и независноста на Украина.
Од друга страна, на фронтовите и по градовите продолжувата борбените дејства. Руското Министерство за одбрана соопшти дека ќе ги нападне украинските компании за оружје.
–Како одговор на гранатирањето на Доњецк, руските вооружени сили ќе преземат оперативни мерки за исфрлање од употреба на компаниите од украинската одбранбена индустрија кои произведуваат оружје што го користат националистите. Ги повикуваме украинските граѓани кои работат во овие компании, како и жителите на околните куќи , да се напуштат потенцијално опасните подрачја, се вели во соопштението.
Во Киев утрово се слушнале силни експлозии во кои загинаа две лица, а се погодени три згради и дел од станица на метрото Лукјанивска. Конвој од 160 автомобили тргна од опколениот град Мариупол што е прв успешен обид да се организира хуманитарен коридор од тој украински град. Заменик-премиерката на Украина, Ирина Верешук изјави дека вчера успеале да евакуира повеќе од 4.000 луѓе од градовите од првите борбени линии.
Портпаролот на руското Министерство за одбрана Игор Конашенков соопшти дека вооружените сили на Русија презедоа целосна контрола над целата територија на Херсон.