Очекувам новата позитивна листа на лекови да биде функционална до 16 септември, соопшти денеска в.д. директорот на Фондот за здравствено осигурување (ФЗО) Сашо Клековски.
-Првиот чекор за подобрување на здравствените услуги го направивме со позитивната листа која не беше обновена од 2014 година и само еден лек и беше додаден. Сега одобривме девет генерики кои можат да водат до 56 бренд лекови. Јавниот оглас е во тек, пријавени се Алкалоид, Крка, Белупо и други фирми како можни добавувачи. Очекуваме до 16 септември новите лекови да бидат достапни во системот и во аптеките и матичните доктори да можат да почнат да ги издаваат и да се користат, изјави Клековски по денешната средба со новинарите во ФЗО.
Тој рече дека ФЗО нема да дозволи да страдаат здравствените услуги на граѓаните и најдоцна за 10-тина дена ќе се објави планот за санација на должничката криза во јавните здравствени установи.
-Можам да им гарантирам на граѓаните дека во критичните подрачја – квалитет на здравствени услуги и достапност на лекови нема да има проблеми, порача Клековски.
Тој потенцира дека приоритет е Клиниката за онколошки болести каде мора да има подобри здравствени услуги за болните и мора да се растовари. Прецизира дека според состојбата на 3 јуни долгот на јавно здравствените установи изнесува пет милијарди денари и е зголемен за една милијарда денари во првите шест месеци од годинава.
-Најголеми должници се универзитетските клиники за Радиологија и онкологија, Торакална и васкуларна хирургија, Гинекологија, а има и неколку болници надвор од Скопје како Прилеп и Охрид. Долговите се настанати заради несоодветно планирање и буџетирање, посочи Клековски.