Еден ден пред неговиот 83. роденден, кој се случил минатиот месец, Морган Периго добил неочекуван пакет на својот праг. Во него бил прстенот што го добил кога дипломирал на Универзитетот Мекмастер, а кој го загубил во 1977 година.
Човекот кој му го испратил прстенот бил Алекс Дејвис – професионален нуркач, рибар и туристички работник во Барбадос.
За време на една недела, кога немал толку работни обврски, Дејвис ги проверувал веб-камерите кои го покажуваат местото за кое бил заинтересиран, откако беше погодено од ураганот Берил оваа година. Со помош на детектор за метал, Дејвис најпрво се сретнал со вообичаеното – рѓосани клинци, тапи и монети. Меѓутоа, тогаш забележал нешто интересно за монетите.
-Тие беа од 70-тите и 80-тите, а јас полека сфаќав дека сум во зона каде што очигледно има многу стари работи, рече Дејвис.
Тогаш неговиот детектор за метал почнал да испушта поинаков звук. Знаејќи дека ова е сигнал за злато, тој почнал да копа. Откако тргнал неколку слоеви песок и мртви корали, Дејвис ископал прстен со темно црвен камен. Додека бил уште под вода, нуркачот забележал дека прстенот не е кородиран и дека има белег на златар, што значи дека е направен од чисто злато. Кога се вратил на копното, ја зголемил гравурата и ги открил зборовите „Мекмастер универзитет 1965“ и иницијалите „ФМП“.
-Кога го видов тоа, си помислив: ‘Дефинитивно има доволно информации со кои можам да се обидам да му го вратам прстенот на сопственикот’. Имаме училиште, имаме година на дипломирање, имаме три иницијали, објаснува нуркачот.
-Дејвис веднаш ја пребара веб-страницата на Универзитетот Мекмастер и испрати барање до дипломците на Универзитетот, рече Карен Меквеј од Универзитетот.
Во мејлот е опишано како Дејвис го открил прстенот и личните податоци врежани на него што би можеле да му помогнат на Универзитетот да го идентификува неговиот сопственик. Потрагата набрзо укажа на Фредерик Морган Периго и Универзитетот веднаш го информирал тоа.
-За среќа, Морган е навистина добар поранешен студент, кој продолжи да ги споделува своите информации со Универзитетот по сите овие години. Значи, тоа беше уште една грижа што ја имавме – 1965 беше многу одамна. Дали таа личност е сè уште жива?, рече Карен Меквеј, која е задолжена за прашања кои се однесуваат на поранешните студенти.
Според неа, Периго останал запрепастен кога слушнал дека прстенот е пронајден. Периго му објаснил на Меквеј како го изгубил прстенот во 1977 година , кога бил на семејно патување во Барбадос. Неговиот син бил соборен од бран и кога го фатил момчето за рака за да го извлече од водата , прстенот само му се лизнал од прстот и исчезнал во морето .
Универзитетот потоа ги проследил информациите за контакт на Периго до Дејвис, кој набрзо стапил во контакт со сопственикот на прстенот. Периго му се заблагодари на Дејвис и му кажа како го изгубил прстенот, но сподели уште еден неверојатен детал.
-Оваа приказна едноставно не може да биде подобра. Не само што го најдовме прстенот по 47 години на дното на морето, туку го најдовме една недела пред неговиот роденден, нагласи нуркачот.
Дејвис го завиткал прстенот и го испратил како забрзана меѓународна испорака за да пристигне кај Периго пред неговиот роденден.
-Тој прстен бил под вода 47 години, па убеден сум дека тој се збогувал со него одамна, рече Дејвис.