САД работат на тоа новата влада на Северна Македонија да го почитува Договорот од Преспа, изјави помошникот државен секретар за европски и евроазиски прашања Џејмс О’Брајан, пренесува грчка Прототема.
За време на сослушувањето пред Комитетот за надворешни односи на Сенатот, американскиот дипломат тврдеше дека контактите на американските пратеници се корисни за да се задржи Северна Македонија посветена на договорот. Сенаторката Џин Шахин го постави прашањето нагласувајќи ги своите средби неодамна на самитот на НАТО во Вашинтон со македонскиот премиер Кристијан Мицкоски, албанскиот премиер Еди Рама и црногорскиот министер нагласувајќи дека во таа прилика слушнала за фрустрацијата што земјите од регионот ја имаат поради предолгото чекање на влез во Европската Унија.
-Северна Македонија настрада поради споровите со соседите, кои постојано ги менуваат (пристапните) барања за неа. Дел од нашата работа е дипломатски да подготвиме начин за (Северна Македонија) да го одржи договорот што го има со Грција. И мислам дека средбата што ја имавте, како и другите средби помогнаа работите да се задржат во оваа точка, за Грција да стане пријател на македонскиот пристапен процес, а не критичар. Истото важи и за Албанија, посочи тој во изјавата што ја цитира Прототема.
О’Брајан додаде и за спорот на Северна Македонија со Бугарија и најави дека САД ќе останат фокусирани и активни во македонско-бугарските односи.
-Главното прашање е Договорот што Северна Македонија го има со Бугарија и штом Бугарија ќе има постабилна влада, треба да се разговара за точниот начин како треба да се спроведе. Така што тоа ќе биде областа каде што очекувам да бидеме поактивни, рече тој.