О2 Иницијатива бара Сиљановска Давкова да не го потпише указот за Законот за урбанистичко планирање

Претседателката на државава Гордана Сиљановска Давкова да не го потпише указот за прогласување на Законот за изменување и дополнување на Законот за урбанистичко планирање, бара невладината организација О2 Иницијатива. Таа реагира откако парламентарното мнозинство вчера со 64 гласа „за“ и 11 „против“ ги донесе законските промени.

-Бараме претседателката да не го потпише указот и да го врати законот на повторно разгледување во Собранието со задолжителна јавна расправа, потенцираат од Иницијативата.

Се наведува дека овој закон е донесен по скратена постапка, иако последиците од него се огромни и нè засегаат сите. Донесен е без јавна расправа, без консултации со стручната јавност, без објавување на Единствениот Национален Електронски Регистар на прописи на РСМ (ЕНЕР) со можност да се дадат коментари и да се влијае во процесот на негово донесување, без задолжително известување на сите засегнати здруженија на граѓани и невладини организации. Ваков суштински закон чии последици ги трпиме сите не смее да се донесе без јавна расправа и учество на стручната јавност и граѓанските организации.

– Со законот се дозволува повторна изработка на урбанистички планови според стари и неважечки закони и правилници до недоглед, кои за повеќе од 4.5 години не се завршиле, што укажува на проблем со овие планови, штом не се донеле во толкав временски период, а се изработени со несоодветни параметри, зошто во меѓувреме имаме нови податоци од пописот, просторот се изградил, има изградени линиски центри чии параметри не биле вклучени во планирањето, а сепак ги искористиле најголем дел од ресурсите, итн. Според изјавата на министерот за транспорт, бројката е околу 600 вакви урбанистички планови кои не се донеле во изминативе 4.5 години, да продолжат да се изработуваат по стари невалидни закони и правилници и како такви да се донесат и предизвикаат дополнителен хаос во просторот во кој живееме, наведуваат од О2 Иницијатива.

Се додава дека со законот се дозволува изградба на катни гаражи без донесен детален урбанистички план, само со урбанистички проект.

-Тоа значи самоволие и хаос, градење кој каде ќе му текне на вакви големи објекти, каде зеленилото и парковите ќе бидат првата жртва, каде граѓаните не се прашуваат и нема начин преку јавна анкета да го дадат своето мислење, каде Советот на општина нема право да одлучи со гласање. Со законот се отстранува одредбата одлуката со која се донел урбанистички план да е ништовна, ако нема добиено согласност од министерството за транспорт. Ова е суштинско за да се спречи злоупотреба и спроведување на планови кои не се валидни. Со законот се дозволува да нема изработено урбанистички планови за одредени подрачја уште од 2013 година и да важат штетни општи акти, како тој за Лагадин со хотелот покрај брегот, кои требало да бидат само преодна форма до изработка на урбанистички планови, предупредуваат од Иницијативата.

 

 

Претходна вестНема веќе активни пожари кај Атина, Властите велат дека постои висок ризик од нови
Следна вестОхридското Езеро и Кањонот Матка прогласени за споменици на природата