Обединетите нации официјално им „изразија загриженост“ на САД поради написите за „надзорот“ на комуникациите, односно шпиoнирањето на генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, соопшти неговиот портпарол. Според нив станува збор за „активности кои се во спротивност со обврските на САД”.
– ОН ја изразија својата загриженост до земјата – домаќин поради неодамнешните извештаи дека комуникациите на генералниот секретар и други високи претставници на ОН биле предмет на надзор и мешање од американските власти. ОН јасно ставија до знаење дека таквите активности не се во согласност со обврските на САД според Повелбата на ОН и Конвенцијата за привилегии и имунитети на Обединетите нации, се вели во соопштението.
„Вашингтон пост“, повикувајќи се на доверливи документи на Пентагон, објави дека САД ги прислушувале разговорите на Гутереш со други претставници на ОН, посебно за Украина.
Поради објавување доверливи документи пред неколку дена беше уапсен и обвинет Џек Даглас Тешеира (21), припадник на Националната воздухопловна гарда на Масачусетс.