Обезбеди ли ВМРО-ДПМНЕ ново парламентарно мнозинство?

Обезбеделила ли најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ ново парламентарно мнозинство со кое ќе се урне владата на премиерот Зоран Заев и ќе се одржат нови предвремени парламентарни избори? Вакво прашање се актуелизира вчера попладне откако медиумите почнаа да пренесуваат такви информации повикувајќи се на извори во ВМРО-ДПМНЕ. Телевизија Алфа информира дека се подготвува ново стабилно парламентарно мнозинство кое ќе го предводи ВМРО-ДПМНЕ.

-Неофицијално најголемата опозициска партија веќе има на располагање доволен број пратеници за превласт во парламентот односно 61, но во тек се преговори со уште неколку народни избраници. За мнозинството да биде поголемо за уште четворица и во ниту еден момент да не се доведе во прашање неговото опстојување и функционирањето на законодавниот дом, се наведува во информацијата на телевизијата.

Истите извори тврдат дека се комуницира со БЕСА и со пратениците од помалите политички партии кои беа дел од предизборната коалиција на СДСМ. Неофицијално, причината за расположението и на БЕСА за преговори со ВМРО-ДПМНЕ се случувањата со Законот за личните карти и неисполнетите ветувања на власта.

Ова вчера го спомена и Мицкоски со тврдење дека Заев го сменил ставот откако од амбасада на една држава реагирала дека измените ќе значат кршење на Преспанскиот договор. Според Мицкоски не може да се очекува оние со кои се разговара сами да излезат во јавност. Бидејќи може да бидат под притисок на власта.

-Се надевам дека не очекувате сите тие со кои што преговараме и јавно да излезат. И да кажат каква ќе биде постапката за уривање на владата. И да кажат да ние сме тука и ќе бидеме глинени гулаби за машинеријата и инструментите на Зоран Заев за притисок и уцени и.т.н. Сигурно не сме ниту тие ниту ние доволно наивни. да почекаме ќе покаже времето што доаѓа наскоро дали јас сум бил во право или пак некој друг бил во право, изјави Мицкоски.

Но, од друга страна вчера лидерот на ДУИ Али Ахмети изјави дека парламентарното мнозинство е стабилно и нема ни предвремени парламентарни избори.

Претходна вестСрпската црква избира нов патријарх, ќе се смени ли ставот кон МПЦ?
Следна вестПолицијата тешко ги скротува дивите возачи низ Скопје