Воените дејствија во Украина продолжуваат. Најжестоко е во пристанишниот град Мариупол на југоисточниот дел на Украина.
Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган и неговиот украински колега Владимир Зеленски се договорија Турција да ги пренесе ранетите и загинатите во Мариупол.
– Турција е подготвена да ги пренесе ранетите и загинатите од Бердјанск со брод, бидејќи е невозможно да се приближи до Мариупол од безбедносни причини. Затоа ранетите и загинатите мора прво да се однесат во Бердјанск. Ситуацијата во Мариупол е една од најтешките. Турција посредува во оваа специјална мисија. Разговарав со Ердоган, Ердоган разговараше со Путин. Сега се зависи од одобрувањето на Путин, рече Зеленски.
Околу 400 жители на киевското предградие Хостомел исчезнаа за време на 35-те дена од руската окупација, изјави шефот на локалната украинска воена управа.
Од друга страна на социјалните мрежи се појавуваат видеа на кои се прикажани украински специјалци кои брутално тепаат цивили во Днипропетровск.
Претседателот Зеленски во своето обраќање во ОН рече дека руските сили убивале цели семејства, возрасни луѓе и деца и побара одговорност за тоа, а објави и видео од наводни руски злосторства во повеќе градови низ Украина. Тој побара Русија да биде исфрлена од Советот за безбедност.
Рускиот амбасадор во ОН, Василиј Небензја, на седница на Советот за безбедност ги повторил: „Не дојдовме во Украина за да освојуваме територии. Мораме да го отстраниме малигниот нацистички тумор, кој ја јаде Украина и кој на крајот ќе почне да ја јаде и Русија. И ќе ја постигнеме таа цел“.
САД и сојузниците подготвуваат нов пакет санкции кон Русија со цел „да ја турнат земјата во натамошна економска, финансиска и технолошка изолација“.
Во меѓувреме бројот на бегалци кои ја напуштаат Украина се зголемува. Само во Хрватска бројот на украинските бегалци во Хрватска достигна 12.403, изјави директорот на хрватската цивилна заштита Дамир Трут.