Објавен е оглас за работници со 40 часовна работна недела за автопатиштата на „Бехтел и Енка“

Јавното претпријатие за државни патишта веќе објави оглас за вработување на работници до 2028 година за проектот за изградба на четирите автопати на изведувачот „Бехтел и Енка“ на коридорите 8 и 10-Д.

Според огласот, ЈПДП ќе ангажира работници според нивниот правилник, а тоа значи работна недела од 40 часа неделно, а не како што било договорено со „Бехтел и Енка“ за 60 часовна работна недела. Директорот на ЈПДП ќе формира комисија за селекција на кандидатите. „Филтерот“ може да трае од 45 до 120 дена, што ќе зависи од бројот на апликанти.

Рокот за пријавување е 25 април.

Јавното претпријатие бара помошник на главниот и одговорен координатор на проектот, кој треба да биде градежен инженер за основна плата од 70.052 денари; координатор на единицата за подготовка на проектот со завршен фалкултет од општествените зането-плата од 60.005 денари; координатор на единицата за техничка изведба на проектот кој треба да биде градежен инженер за 65.029 денари…

ЈПДП го распиша огласот според постоечкиот правилник за систематизација кој вели дека вработените ќе работат само 40 часа неделно што е право загарантирно и со Уставот, додека пратениците од власта предложија законски измени за 60-часовна недела за да му се помогне, како што сметаат, на изведувачот да заврши во пократок временски рок.

Правилникот на ЈПДП вели дека кандидатите за работни позиции мора да се македонски државјани.

Основна плата од 70.052 денари ќе заработува градежен инженер со осум часа дневно во прва смена ако конкурира и биде избран на огласот за помошник на главниот координатор на проектот. Тој мора да има најмалку шестгодишно искуство во струката.

За местото координатор на единицата за подготовка на проектот се бара кандидат кој треба да има диплома од факултетите за општествени науки и за ова место е предвидена нето плата од 60.005 денари. Координаторот пак на единицата за техничка изведба на проектот кој треба да биде градежен инженер ќе работи на коридорите за плата од 65.029 денари. Плати од 29.866 денари ќе заработуваат и двајца возачи кои треба да имаат најмалку средно образование, а за иста плата се бараат и двајца администратори.

За специјалисти што треба да прават експропријација на имот за потребите на „Бехтел и Енка“ услов е да имаат завршено високо образование од општествените науки. За 40 часа неделно им се нуди плата од 45.045 денари. Оваа плата ќе ја добиваат и по еден преведувач и известувач од проектот. Градежните инженери со искуство од три години може да се пријават на петте работни позиции Специјалист за инвестиции и градба на патишта за плата од 55.037 денари. Оваа плата е наменета и за позициите урбанист, геодет, електроинженер и сообраќаен инженер.

Претходна вестПребрзото возење ги надмина сите граници, казнети 124 возачи во скопско
Следна вестПовторно земјотрес во штипско, утринава тресеше со 2,3 степени