И покрај силното негодување на предложената реформа во образованието од скоро сите релевантни образовни институции во Македонија, министерката Царовска го носи својот предлог во Собранието. Комисијата за образование, наука и спорт денеска ќе биде прво собраниско тело пред кое ќе започне парламентарна расправа околу новиот концепт. Почеток на расправата е закажан за 12 часот, а на јавната расправа, како што соопшти собраниската прес-служба, покрај членовите и заменик-членовите на Комисијата, се поканети и претставници на Владата, Министерството за образование и наука и органите во неговиот состав.
Се очекува да присуствуваат и претставници на државни образовни институции, професори од педагошките факултети, директори и наставници од основни училишта, МАНУ и невладини организации чиј домен на интерес е образованието. Исто така, на седницата се поканети и претставници на меѓународни претставништва.
На почетокот на седницата ќе се види дали на расправата се поканети и оние институции кои во изминативе денови упатија бројни забелешки и критики во однос на предложениот концепт. Министерката за образование и наука Мила Царовска во изминатиов период одржа неколку средби со образовани институции, наставници, директори и градоначалници. Меѓутоа, беше забалежително дека таа не се сретна со претставници на институциите кои упатија и најголеми критики, а тие се најрелевантните: МАНУ, Филозофски факултет, Падагошки факултет, ПМФ, бројни институти…
Царовска во изјава за МИА рече:
-Поканите ги испраќа самата Комисија, организатор е Собранието и не би можела да зборувам кој сè е поканет, но сметам сите релевантни, веројатно сите што биле гласни и помалку гласни во јавноста со различни ставови сигурно ќе бидат поканети од страна на Комисијата и ќе имаме плодна расправа, посочи Царовска.