Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција денеска до Основниот кривичен суд во Скопје поднесе обвинение против поранешниот генерален секретар на Владата, Драги Рашковски, и против уште шест други лица.
Во случајот за кој е поднесен обвинителниот акт се споени два предмети поврзани со спорните набавки на два софтвери – едниот за автоматско казнување за сообраќајни прекршоци и еден за биометриска идентификација.
Рашковски е првообвинет и му се става на товар дека во периодот од јуни 2017 до февруари 2021 како генерален секретар извршил продолжено кривично дело злоупотреба на службената положба и кривично дело перење пари.
Второ и третообвинетиот како негови надворешни соработници, според обвинителството, со умисла му помагале во повеќекратното извршување на кривичното дело злоупотребата на службената положба, четвртообвинетиот – сопственик и управител на фирма, пак, му помагал во една јавна набавка. Исто како и четвртообвинетиот, и останатите обвинети се гонат за по за по едно кривично дело злоупотреба на службената положба и овластувања.
Обвинението опфаќа четири набавки и тоа на: систем за биометриска идентификација; софтвер за определување на просечна брзина на возила во сообраќајот и изрекување на казни; ANPR камери за препознавање на регистарски таблички за возила; и на метални кабини за потребите на системот на биометриска идентификација и систем за автоматско препознавање на регистарски таблици.
Обвинителството тврди дека Рашковски давал насоки за изготвување на документацијата за тендерите за истите да упатуваат на конкретен патент и со учесниците во набавката комуницирал лично.
-Првообвинетиот јавните набавки ги спровел спротивно на начелото за економичност, ефикасност и ефективно користење на јавните средства, утврдени во согласност со прописите што го уредуваат користењето на буџетските средства, дал насоки за изготвување на техничка спецификација за јавната набавка во консултации со подизведувач и со учесници во постапката, во текот на постапката за јавната набавка комуникацијата не ја вршеле со користење на електронски средства преку ЕСЈН, туку лично, дефинирал технички спецификации што упатуваат на конкретен патент, не извршил имплементирање и обуки на она за што биле склучени договорите за јавни набавки, со што за четирите економски оператори прибавил корист – право да учествуваат во постапките за јавни набавки и да склучат договори за истите и им овозможил да се стекнат со имотна корист во вкупен износ од 17 474 137 денари (околу 284 000 евра), велат од ОЈО.
Со обвинението опфатени се и склучувања на авторски договори со шесто и седмообвинетите. Обвинителството тврди дека иако како поранешниот генерален секретар знаел дека тие не ги извршуваат работните задачи, тој им исплаќал месечни хонорари, а тие потоа дел од парите му ги враќале во кеш. На таков начин од буџетот биле „испумпани“ 1 320 000 денари (околу 21 500 евра).
Поради тоа, обвинителство тврди деа штетата која била нанесена на буџетот изнесува 18 794 137 денари (околу 305 600 евра).
Истрагата на обвинителството, според објавеното соопштение, покажала и дека од јуни 2017 до почетокот на мај оваа година, Рашковски пуштил во оптек 5 378 319 денари (87 500 евра), а за кои се тврди дека потекнуваат од кривично дело.
-Со намера да го прикрие потеклото на паричните средства во повеќе наврати, откако ќе ги добиел парите од кривичното дело, ги пуштал во промет вршејќи готовинска уплата на сопствените сметки и банкарски картички и на сметките на членовите на своето семејство, а исто така предвремено ги исплатил претходно земените кредити, велат од обвинителството.
Од ОЈОГОКК велат дека до судот поднеле барање и за замрзнување на имотот.
Обвинителството бара и продолжување на мерката куќен притвор за двајца обвинети односно за Рашковски и Даниел Станчев, кој е сопственик на „Инвока груп“, фирмата од која беше купен софтверот за сообраќајни казни.