Обвинителството денеска отвори предмет за „дивата“ докторка во Битола, иако им e пријавено на 12 јануари

Основното јавно обвинителство во Битола отвора предмет за случајот во Битолската болница каде лекарка – српска државјанка извршила породување со царски рез иако не била вработена во оваа болница.

Кон предметот е припоена и кривична пријава што вчера ја поднесе СВР Битола против три лица – двајца тамошни лекари и странската државјанка, која му била сопруга на еден од нив.

Тие се осомничени дека и овозможиле лице без соодветна лиценца за работа издадена од Лекарска комора, да помогне при породување со царски рез, а потоа во оперативниот дневник еден во графата податоци за оператор, ги внел своите податоци и податоците на колегата, а од стариот оперативен дневник скинал страници каде стоело името на странската државјанка за направената операција.

Министерот Венко Филипче, денеска одговарајќи на новинарско прашање, рече дека денеска во Битолската болница има инспекција од ДСЗИ, и одби да даде коментар пред да ги добие наодите од инспекцијата.

Сепак, она што создава нејаснотија во овој случај е што МВР го објави во јавноста дури вчера, а Обвинителството денеска соопшти дека кај нив стигнала анонимна пријава на 12 јануари, иако сето ова се случило на 1 јануари годинава.

Инаку, според она што пренесуваат медиумите, еден од суспендираните доктори е Гоце Чакароски, специјалист по гинекологија и акушерство кој во првиот кабинет на премиерот Зоран Заев, беше заменик министер за здравство до јуни 2018 година, а потоа, по владината реконструкција, стана национален координатор за здравство во Владата се до мај минатата година кога поднесе оставка.

Претходна вестТешко повредена 67-годишна жена, ја удрил автомобил
Следна вестМицкоски бара трпение и најавува: Наскоро ќе има ново парламентарно мнозинство