Обвинителството ќе испитува како се избрани фирмите што ќе наплатат 22,3 милиони евра за надзор на изградбата на автопатишта

Отворен е предмет за да се испитаат обвинувањата околу нерегуларностите при изборот на компанија којашто ќе врши надзор врз изградбата на четирите автопатишта во Македонија вредни 1,3 милијади евра. Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција денеска соопшти дека отворило предмет по допрен глас за обвинувањата за несоодветен избор на компанија која ќе врши надзор над изградбата на коридорите 8 и 10.

-Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, следејќи ги информациите по медиумите поврзани со изградбата на автопатите, со цел да ги провери наводите што се изнесуваат во јавноста, отвори предмет по допрен глас. Предметот е распореден кај надлежен јавен обвинител, кој презема дејствија и ќе изврши проверки, по што ќе донесе јавнообвинителска одлука за понатамошниот тек на постапката, соопштија од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.

Последниве денови во неколку медиуми но и од страна на најголемата опозициска партија се укажуваше на постоење на неправилности при изборот на комапнијата којашто ќе врши надзор. Познато е, за вршење надзор над изградбата на коридорите 8 и 10, Владата се обврза да плати 22,3 милиони евра на козорциумот предводен од италијанската компанија „ИРД инженеринг“ со објаснување дека надзорот ќе го вршат меѓународни експерти. Иако италијанската компанија е носител на конзорциумот, најголем дел од предвидените 22,3 милиони евра ќе бидат за домашните компании „Електра солушнс“ и „Евро консалтинг“ оти е предвидено тие да завршат најголем дел од работите. Потоа се испостави дека „Електра солушнс“ е компанија која произведувала долна облека, кусо време се занимавала со услуги поврзани со информатичка технологија и компјутери, а од лани како дејност пријавила други градежно-инсталатерски работи и никогаш досега не вршела надзор. Лиценцата за вршење надзор ја извадиле по распишување на огласот за коридорите, во рекордно кус рок.

За другата домашна компанија, пак, „Евро консалтинг“ опозицијата и некои од медиумите алармираа дека е сопственост на лице со криминално досие, Бранислав Димитриевиќ, уапсен во Хрватска во април 2021 година, врз основа на потерница од Интерпол. Освен ова, беше објавено и тоа дека се предвидени вртоглави суми како месечни и еднократни надоместоци за надзорот. На пример, по 20 илјади евра месечно за главен надзорен инженер, а такви ги има четворица. Се откри и тоа дека за фирмата „Електра солушнс“, во понудата, а потоа и во договорот, е наведено дека има 32 перманентно вработени лица од кои 27 перманметно вработени инженери, што е во контрадикција со она што го пишува во годишната сметка за фирмата доставена до Централниот регистар, каде е наведено дека во 2022 г. во просек имала само двајца вработени…

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ; пак, повеќе пати го повикуваше Обвинителството да отвори предмет.

-Јавното обвинителство нека не се прави слепо при очигледен скандал со изборот на надзорот за изградбата на коридорите 8 и 10Д. Конзорциумот кој што го избраа Ковачевски и Груби наплатил 900 илјади евра за еден месец за ангажирање на само 4 лица за изготвување само на еден договор. Истите овие 4 лица дополнително ќе поделат други 300 илјади евра по истиот основ, што е огромна сума за многу побогата држава од Македонија. Во време кога во Македонија нема пари да се испечатат учебници во образованието, еден милион евра се исплатени за пишување на еден договор, наведуваа од ВМРО-ДПМНЕ.

Претходна вестЛевица: Откако Петровска најави дека Македонија ќе донира 12 хеликоптери, АРМ пие украинско млеко
Следна вестМоето име е Џо Бајден и сакам сладолед, рече американскиот претседател пред да заборува за масакрот во училиштето