-Обвинителството работи врз основа на докази. За поранешниот премиер Димитар Ковачевски засега нема истрага, но продолжува проверката на наводите од МВР, рече републичкиот јавен обвинител Љупчо Коцевски во интервју за „360 степени“ на МРТ 1.
-Мерка „стоп“ за Артан Груби е издадена по наредба на Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје неколку дена пред неговото бегство. Полицискиот службеник морал да провери. Не изнесуваме детали, но преземени се дејствија, да видиме дали само полицискиот службеник е виновен или има и други, рече Коцевски.
На прашањето дали Груби бил пуштен да избега, Коцевски вели дека во ЈО е отворена постапка за полицаецот.
-Се водеше предистражна постапка со тоа што, неколку дена пред Груби да ја помине границата, по наредба на Основното јавно обвинителство Скопје беше дадена мерка ‘стоп’. Што значи дека штом е таа мерка ‘стоп’ дадена, на сите наши граници, службеникот што ги проверува документите треба да провери и да види дали тоа лице може да ја помине границата или не. Министерот за внатрешни работи соопшти дека се работи за човечки фактор. Против лицето коешто го пропуштило е заведена постапка во ОЈО за гонење на организиран криминал и корупција, со оглед дека се работи за полициски службеник, рече Коцевски.
Тој смета дека не треба да се верува во други теории освен она што Обвинителството се обидува да го провери, а за таа намена обезбедило снимки од камери, сослушува сведоци и истражува како побегнал поранешниот вицепремиер осомничен за милионска проневера во Државната лотарија.
Коцевски рече дека тој лично не знае каде е Артан Губи во моментов, но се надева дека, со оглед на тоа што за него е распишана меѓународна потерница, ќе биде испорачан во државава.