Собранието денеска ги усвои законските измени за работни односи со кои недела е неработен ден од 1 јануари 2022 година.
Прецизирани се дејностите во кои неделниот одмор може да се замени и со друг работен ден и тие по проценките се неопходни за нормално функционирање на општеството.
Измените предвидуваат за 50 проценти поголема дневница и слободен ден за тие што ќе работат во недела, а се дел од овие дејности. За 100 отсто поголема дневница и слободен ден се предвидува за оние работници кои ќе работат во несуштинските дејности, што е регулирано со Законот за трговија, за кој пратениците треба денеска да расправаат.
Од ВМРО-ДПМНЕ сметаат дека законското решение е далеку од идеално и оти на него имале забелешки и синдикатите и работодавците но, немале можност да го подобрат низ амандманска расправа, затоа што амандманите кои пратеничката група ги поднела не биле ставени на разгледување.
Согласно усвоените законски измени, работодавците кои ќе го прекршат законот ќе се соочат со забрана за работа од 15 дена и прекршочна пријава. Доколку работодавецот го повтори истиот прекршок во рок од една година, забраната за работа ќе биде 30 дена. Во периодите на забрана за работа, работодавецот ќе има обврска на работниците да им исплаќа надоместок на плата во висина на платата исплатена претходниот месец и притоа, не смее да го намали бројот на вработените.