Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), Марко Бислимоски, денеска на прес-конференција ја објави новата цена на струјата за домаќинствата, која се зголемува од 1 јули годинава.
За домаќинствата чија потрошувачка на електрична енергија е во првиот блок нема да има промена на цената на струјата од следниот месец. Во вториот блок цената на струјата ќе се зголеми за 0,85 проценти, во третиот блок цената ќе се покачи за 1,92 проценти, а во четвртиот блок за 1,88 проценти.
Освен покачување на цената на струјата во високата тарифа, првиот човек на Регулаторната комисија објави дека од следниот месец за 0,65 проценти ќе се покачи и цената на евтината тарифа.
-Со одлуката којашто ја достави ‘ЕВН хоум’, и којашто ја проверивме, за 88 отсто од домаќинствата коишто влегуваат со потрошувачка во прв и втор блок, нивниот трошок за електрична енергија ќе се зголеми за 0,4 проценти, осум отсто од домаќинствата коишто имаат потрошувачка во третиот блок нивниот трошок за електрична енергија ќе се зголеми за 0,48 проценти и за четири отсто од домаќинствата кои влегуваат со потрошувачка во четвртиот блок, нивниот трошок за електрична енергија ќе се зголеми за 0,57 проценти, рече претседателот на РКЕ, Марко Бислимоски, на денешната прес-конференција.
Тој додаде дека треба да се бараат креативни решенија кои ќе бидат во интерес на граѓаните.
-Треба и да се размислува кон откуп на струја од домашните капацитети од обновливи извори. Неопходно е да има конкуренција и да се искористи моментумот кога цената на струја на берзите е поволна, нагласи Бислимоски.
Бислимоски оцени дека вака донесената одлука за новата цена на струјата нема никакви реални промени бидејќи, како што рече, за најголемиот дел од потрошувачите, за домаќинствата, зголемувањето е под 0,5 проценти.
-Ова се овозможи со тоа што на ‘ЕВН хоум’ му дадовме насока 15 проценти од количините кои не се обезбедени да ги набавува на берзата на електрична енергија којашто функционира во Македонија и во периоди кога цената на електричната енергија е блиску до цената којашто ја понуди ЕСМ на тендерот 60 евра за мегават-час, додаде Бислимоски.
Дополнително, како што кажа, во формирањето на цената на струјата улога играле и измените на Законот за енергетика што Собранието ги усвои во вторникот, а според кои од 11,5 проценти, маржата за електричната енергија се намали на 9,9 проценти.