Од 1 септември во училница, а обезбеди ли МОН нормални услови за сите ученици?

Физичко присуство во училниците на 1 септември, ова е одлуката што ја донесе МОН, а ја соопшти Владата. Во ситуација на влошување на состојбата алтернативните решенија се две: комбинирана настава или целосно онлајн учење. Но во вака соопштената информација нема одговор и на следните прашања кои „Скопско Ехо“, јавно, ги постави пред еден месец:

-Дали во сите училишта во Македонија се обезбедија сите неопходни услови за непречено одвивање на наставата? Дел од општините се пофалија дека ковид-просторот на неодење во училишта го искористија за реновирање и санирање на недостатоците. Но, што е со оние во кои на децата може да им се урне кровот на глава, или одат во полски тоалети?
-Дали се обезбеди соодветно затоплување во училиштата каде децата се уште се греат на дрва?
-Обезбедени ли се таблети и компјутери за сите деца, а не само за 10 000 деца како што најави државата? Видовме дека според родителите тоа е дискриминација, па се заканија со протест и бојкот, меѓу другото и, ако сите деца не се рамноправно третирани…
-Бидејќи се предвидува целосна интеграција на лицата со попреченост од 1 септември, дали се ставени рампи на влезовите на сите училишта?
-Дали за сите ученици со посебни потреби е обезбеден асистент, дефектолог?

Од граѓанската иницијатива „Учебници и настава мора да има“ вчера се заканија дека од први септември ќе има целосен бојкот на наставата ако не се исполнат нивните барања. Брзо потоа МОН соопшти дека има одлука за физичко присуство на сите ученици од 1 септември, но останатите детали исклучително неопходни за правилно одвивање на наставата се се уште непознати.

Претходна вестКривата стана вертикала: 14 починати и 999 нови заразени за 24 часа
Следна вестВладимир Јанковски е лауреатот на „Роман на годината“ што го доделува Фондацијата „Славко Јаневски“