Министерството за здравство информира дека од денеска во системот на „Мој термин“ во функција е новиот алгоритам за оздравување пациенти заболени од Ковид-19. Новиот алгоритам се однесува на пациентите на домашно лекување, но не ги опфаќа хоспитализираните пациенти. Прв ден на заболување се зема денот на првиот потврден позитивен тест.
За разлика од досегашниот алгоритам, каде што со истекот од 14 дена беше потребно да се добијат 2 негативни последователни теста во 24-48 часа, во согласност со светските истражувања, сега еден пациент, доколку е асимптоматски во период од 10 дена, ќе се смета за оздравен на 11. ден.
Доколку еден пациент имал симптоми во текот на болеста – тој ќе се смета за оздравен по истекот на минимум 20 дена, односно 21 ден, само во случај ако последните 3 последователни дена немал симптоми на болеста.
Процесот на оздравување сега е во целост поврзан со дневните извештаи што ги пополнуваат матичните лекари за своите позитивни пациенти и регистарот за позитивни пациенти на Ковид-19 .
Во Националниот систем за електронски евиденции во здравството – „Мој термин“ се проверува дали за секој нареден ден има пополнет дневен извештај од матичен лекар или негова замена. Доколку во 10 последнователни дена има дневни извештаи и тие се одговорени со не/нема: истоштеност, болки во зглобовите и/или мијалгија, кашлица, искашланица, отежнато дишење, дијареја, а температурата на пациентот е помала од 37,5, тогаш добива статус – предлог за оздравен.
Доколку во 10 последнователни дена има барем еден извештај во кој на кое било прашање од погореспоменатите е одговорено со да/има, пациентот добива статус – предлог за оздравен со истекот на минумум 20 дена (односно 21 ден) само во случај ако последните 3 дена се асимптоматски.
Доколку по истекот на 20 дена пациентот нема три последователни асимптоматски дена, предлогот за оздравен ќе биде по три последователни асимптоматски дена. Сè додека пациентот не добие статус – предлог оздравен, тој има статус болест во тек.
Пристап до статусот на пациентите во „Мој термин“ ќе имаат епидемиолозите во центрите за јавно здравје. Секој центар за јавно здравје (ЦЈЗ) ги гледа само пациентите на кои матичниот лекар на пациентот се наоѓа на подрачје што го покрива конкретниот ЦЈЗ, а за пациентите што немаат избрано матичен лекар (домашни или странски) пристап до статусот имаат сите центри за јавно здравје. За пациентите што немаат избрано матичен лекар, пополнувањето на дневните извештаи за состојба на пациентот го прави епидемиолошка служба од надлежниот центар за јавно здравје, кој ја направил епидемиолошката анкета.
За потсетување, минатата недела Комисијата за заразни болести го усвои новиот протокол за ослободување на пациентите од изолација. Кога кон крајот на мај Светската здравствена организација и Европскиот центар за контрола и превенција на болестите дадоа нови насоки/препораки за ослободување на пациентите од изолација, МАНУ анализира повеќе од 10.000 тестирања и утврди дека кај пациенти кај кои е дијагностициран SARSCoV-2, независно од резултатот на последователното контролно тестирање, не е присутен вијабилен – репликативно компетентен, односно вирус што може да е доволно силен за да предизвика зараза.