Колумна на Мирјана Јовановска-Стојановска:
Шок во јавноста деновиве предизвика случајот со 16-годишно момче кое прегази познат хирург со џипот „БМВ“ кое го возело без возачка дозвола. Не можеме да зборуваме за околностите во кои момчето го земало клучот од џипот и за односот на родителите на момчето кон него. Сепак би требало да го оставиме ова да го истражат надлежните органи за да не предизвикуваме зголемена конфузија и нечија траума. Проценката за одговорност и неодговорност е сериозна процедура и е тимска работа на стручњаци од повеќе области и судски вештаци. Можеме да зборуваме општо за опасноста младите луѓе да возат авотомобили.
Пре некоја година имаше една кампања на младите луѓе кои наполниле 16 години да им се дозволи да возат автомобили ако се скроз одлични односно ако ги имаат сите петки. Ова се сосема различни работи. Петките не ги прават младите луѓе зрели и одговорни личности. Тешко е да се стави точната граница кога и како треба да се дозволи на младиот човек да ги учи работите околу себе. Најидеално би било да се следи законот и возрасните граници. Прво, сигурна сум дека нити младото момче нити неговите родители или кој и да е друг вклучен во оваа трагедија имале било каква лоша намера. Од „играчка“ до „плачка“ многу е мала границата и често незабележителна. Можеме да претпоставиме дека родителите знаеле за тоа дека момчето ќе ја земе колата, можеме да претпоставиме дека тие немале појма дека тој ќе го земе клучот и „ќе оди да се повози“. Нашите претпоставки может да одат до бескај, а да не ја погодиме вистината.
А која е разликата за некој што има 16 години и некој што има 17 години кога е дозволено да се има возачка? Развојот на младите луѓе е сосема индивидуална работа. Законски поставени се возрасни граници но не и точни параметри колку и како некој треба да биде зрел за да може да управува со возило. Да се биде родител е многу тешка, напорна и одговорна задача. Можам да речам и најтешка наша улога во животот. Колку и кога ќе му дадеш на младиот човек е едно од најтешките прашања со кои се соочува родителот. Лесно е да се направи превид и многу лесно тоа да доведе до опасност и трагедија
Кај нас имаме законски добро дефинирани казнени мерки. Но она што кај нас го нема доволно е како да се помогне на младите луѓе да ја увидат сопствената грешка и да им се помогне од грешката да извлечат поуки кои ќе бидат битни за нивното понатамошно живеење. За да се процени како ќе одговара момчето како малолетник или полнолетно лице потребно е мислење да даде тим на стручњаци. Но сепак тоа ќе биде мислење а не промена во законските одредби. А секогаш законот е тој што се применува и спрема него се одредува начинот на кој ќе одговара лицето. За да додје до промени во законот потребен е процес во подолг временски период. Жално е што вакви дискусии обично се активираат откако ќе се случи трагедија.