Педесет и осум проценти од младите би се иселиле од државата, а 64,8 проценти се незадоволни од своето место во државата, покажуваат податоците од истражувањето изработено од Фондацијата за демократија на Вестиминстер, на кој учествувале околу 1.000 испитаници.
Резултатите беа презентирани на денешната конференција на тема „Да кажеме СТОП на иселувањето на младите“. Учесниците со жалење констатираа дека има голем број млади луѓе кои сакаат да си заминат од државава и висок степен и процент на незадоволство помеѓу младите од тоа што државата не придонесува за подобрување на младинскиот стандард.
– Што ни кажува ова? Прво, дека имаме висок степен на младинско незадоволство во врска со тоа како државните власти се грижат за оваа категорија на луѓе и второ, дека имаме огромна дискрапанца помеѓу кои можности и потреби ги имаат младите на локално ниво и на централно ниво. Оттука, кога се креираат политики, она што е важно да се направи е пред се да се направи добра анализа согласно потребите и можностите кои ги имаат младите и покрај тоа што треба да се направат мерки на национално ниво, дополнително е потребно да се направат мерки на локално ниво поради тоа што потребите на младиот човек во Скопје со младиот човек во некоја рурална средина се навистина многу различни, велат од Младинскиот образовен форум.