Досега се контактирани 150 наши граѓани од Израел, од кои 60 веќе стигнаа, а останатите 90 очекувам утре, во текот на денот сите да бидат вратени во Македонија, информира денеска Бујар Османи, министер за надворешни работи. На прес – конференцијата тој рече дека има и еден македонски брачен пар кој е заглавен во Газа.
-Имаме еден брачен пар што е внатре во Газа во загрозеното подрачје, а знаете дека Газа е изолирана од Израел. Единствениот излез беше преку Египет, но брачниот пар во моментот кога стигнал на граничниот премин истиот се затворил и не можат да излезат ниту кон Египет ниту кон Израел. Амбасадата во Каиро е во комуникација со тој брачен пар и тие се безбедни во моментов, но знаете дека таму ситуацијата е многу променлива и можеме да сметаме дека тие се во некаков ризик. Работиме и со властите во Египет за да ги ослободат да излезат во Египет. Потоа ќе организираме и превоз но засега немаме начин како да ги извлечеме од Газа, информира Османи.
Тој објасни дека од тие 100 до 200 наши државјани кои се во Израел досега се идентификувани и контактирани 150 граѓани.
Дел од граѓаните кои беа затекнати во загрозените подрачја во регионот на Газа, ноќеска со авион пристигнале во Атина и веќе се на пат кон својот дом. Во Атина, Османи посочи дека тие биле пречекани од нашата амбасада, од каде со автобус се префрлени до граница, од каде МНР ги презема со возила и ги носи до нивните домови.
-Така беа вратени ноќеска петмина, а утринава дополнително 17 од тие дваесетина што беа во загрозените подрачја пристигнаа веќе во Атина и во моментот се на пат кон Солун и МНР организира превоз и ги пречекува на граница и организира превоз до нивните домови, посочи Османи.
Османи додаде дека нема информации дека во нападите на Хамас во Појасот Газа загинале тројца македонски државјани. Тој додаде дека имало и случаи на контактирани граѓани кои одбиле да заминат, но без да ја посочи нивната бројка.