Колумна на Наташа Котлар – Трајкова:
Пред неколку дена еден рече дека Европа алијас ЕУ имала македонски кабает (вина) стар 16-на години!? Но, историјата на македонското прашање бележи дека вината е од постар датум. Без да навлегувам во хронолошката длабочина, ќе се задржам само на некои позначајни датуми на овој кабает.
Најпрвин ќе ја споменам 1913 г. кога со Букурешкиот мировен договор е извршена поделба на македонската земја и на народот. Иако, во Илинденската 1903 г., по востаничкиот неуспех, со Мирцштешките реформи првпат трите „македонски вилаети“ се изделени од другите области на османлиската држава и се поставени извесни основи за политичкото индивидуализирање на Македонија. Како европски реформатори се ангажирани австриски, руски, италијански, француски, британски и германски претставници. Поевропски, здравје!
И не само тоа, туку во 1908 г. во Ревал (денес Талин) суверените на Царска Русија и Велика Британија постигнале согласност за проект на реформи за автономија на Македонија. И тоа е европски, но до таму стигнала работата!
Во есента 1912 г., брзите напредување на сојузничките војски и нивното заземање на османлиски територии, ги принудило европските сили да отпочнат меѓусебни консултации за решавање на балканскиот судир, пред сè заради нивните интереси. На Лондонската конференција на амбасадори (16.12.1912) било решено „сите територии“ на Европска Турција со исклучок на Албанија, да им се отстапат на балканските сојузници. Накратко, не се разграничувале балканските народи, туку се делела територијата, за да не дојде до нарушување на принципот на рамнотежа.
Оттука, наспроти дипломатските извештаи од теренот, европските сили и за време на Втората балканска војна, не сакале да дискутираат за македонското прашање и за статусот на Македонија. Постигнатата согласност, нејзината територија да се отстапи на балканските сојузници, имала за цел да ги задоволи интересите и на големите европски сили и на балканските држави.
Во новите услови, народот – македонски, различен од другите балкански народи, дотолку повеќе што е вклучен во правниот и во политичкиот систем на одделните балкански држави (Грција, Бугарија, Србија, Албанија) тој директно се соочува со својата посебност, но и севозможна маргинализација.
Кабаетлија е Европа и за злосреќата македонска во Првата светска војна. Затоа и воопшто не изненадува записот на Џејмс Дејвид Баучер (ирски новинар и политички активист) за „конспиративна тишина“ по однос на македонското прашање на Париската мировна конференција (1919), соопштувајќи дека територијалните прашања во врска со Македонија останале исти – биле потврдени решенијата од Букурешкиот договор. Но, тишината не би била толку „конспиративна“ доколку се работело само за територијално-политичката содржина на македонското прашање, а не за историската и народносната. Затоа во годините што следат, драконски е притисокот на политичко-правниот, монархо-фашистичкиот систем на одделните балкански држави врз македонскиот народ. Оттука пак, извира неговата силина во антифашстичката борба во Втората светска војна, кој наспроти сите пречки и предизвици (на ограничен простор) создаде посебна македонска држава во рамките на југословенската федерација. Не само што ова не е добронамерно прифатено од „западните сојузници“ (В. Британија и САД) туку следи и нивна сурова пресметка со македонското население активно вклучено во грчката граѓанска војна (1946/9).
Наместо, да го признае кабаетот, Европа не е срдечна и кон независна Македонија (1991), третирајќи ја како несакана рожба! Натурајќи ѝ севозможни барања, декларации, докумени – Лисабонската и Привремената спогодба, Охридскиот, Пржинскиот и Бугарскиот договор и Преспанската спогодба, како и уставната рашомонијада за „Северна“! Иако, Бадинтеровиот извештај уште во 1992 г., јасно нагласи дека „името на државата (Македонија) не имплицира никакви територијални претензии“.
Но, кабает имаат и сите оние од македонската политичка номенклатура, кои без разбирање и без свест, без доволно знаење и познавање на нештата, без ни малку совест ги прифаќаат, потпишуваат и спроведуваат овие содржини, противмакедонски!
Попусто не се рекло: „Кабаетлија е бостанџијата што не си го варди бостанот“.