Од крајот на месецов патарини во Македонија, Србија и Албанија ќе се плаќаат со еден ТАГ уред во рамките на системот Отворен Балкан – електронска наплата на патарини. Наместо да запираат или да купуваат дополнителен уред или картичка, возачите ќе може со еден уред да платат патарини и во Македонија, и во Србија и во Албанија. Тоа значи дека еден граѓанин на Македонија, Србија или Албанија, кој користи ТАГ за да плаќа патарини во својата земја, истиот ќе може да го користи за плаќање и во другите две држави кои се дел од иницијативата.
Најавата за користењето на само еден ТАГ стигна по средбата на српскиот министер за градежништво, транспорт и инфраструктура Томислав Момировиќ со македонскиот министер за транспорт и врски Благој Бочварски во Белград каде се одржува Самит за Отворен Балкан и саем за вино, храна и туризам „Винска визија на Отворен Балкан“.
Српскиот министер Момировиќ соопшти дека тоа ќе го забрза протокот на сообраќајот.
-Системот Опен Балкан ЕТЦ е во тест фаза и до крајот на септември ќе почнеме да користиме еден ТАГ помеѓу Србија, Северна Македонија и Албанија. Секој корисник на ЕТЦ наплатата во која било земја во рамките на иницијативата „Отворен Балкан“ ќе може со само еден ТАГ да плаќа патарина во сите други земји од иницијативата „Отворен Балкан“, без запирање или купување дополнителен уред или картичка во земјите каде што неговото возило не е регистрирано, кажа Момировиќ, според соопштението од неговиот кабинет.
Во соопштението се наведува дека на средбата со Бочварски се зборувало и за тековните проекти за поврзување како што е реконструкција и модернизација на пругата Ниш – Брестовац (границата со Македонија), како и за функционирањето на интегрираниот граничен премин Прешево – Табановци.