Од ноември здравствените работници ќе добиваат повисока плата. Паричната маса во Буџетот од која се исплачаат платите во здравството од ноември ќе биде покачена за 10 отсто, а во март следната година за 5 отсто, најави денеска премиерот Христијан Мицкоски. Во 2026 и во година паричната маса за плати ќе се покачи за уште 5 до 7 проценти, а 2028 година зголемувањето ќе биде од 7 до 10 отсто.
– Изразувам големо задоволство од името на македонската Влада за овој, би рекол, историски момент, бидејќи за прв пат на долг рок се постигнува договор за процентуално зголемување на паричната маса за платите на здравствените работници. Постигнавме еден договор којшто има историска димензија. Покрај овие коефициенти за кои што зборувавме сега што би значело зголемување за 10 проценти на паричната маса што се издвојува за плати. Веќе следната година во март месец ќе имаме дополнителни 5 проценти зголемување на паричната маса, а во 2026 година од 5 до 7 проценти, во зависност од тоа во каква состојба и кондиција ќе биде Буџетот. Да се надеваме дека ќе биде навистина во здрава кондиција, а работиме на тоа. Истото зголемување од 5 до 7 процени на паричната маса ќе биде и во 2027 година, а од 7 до 10 проценти ќе биде во 2028 година, рече премиерот Мицкоски.
Кога ќе го земеме целиот овој период во низа, додаде тој, добиваме зголемување на паричната маса за платите на здравствените работници помеѓу 40 и 50 проценти.
– Навистина нешто историско .Јас очекувам дека во текот на следните денови, повторно и од Министерството за здравство и од Фондот ќе излезат со нови позитивни пораки за здравствените работници и со тоа го заокружуваме тој циклус. Потоа следно се реформи во самиот здравствен систем, за граѓаните да го добијат она што го заслужуваат, рече премиерот.
Според претставниците на двата репрезентативни синдикати овој договор значи израз на добра волја помеѓу двете страни, но ќе придонесе и за поголема мотивација за вработените во здравството.
-Се работи за коекција на коефициентот 0.233 кој во превод значи повисока бруто плата за сите вработени од 3.650 денари или 2.450 денари во нето износ. Уште подобра придобивка во делот на овој анекс е корекција на платите од 0.364 за медицинските сестри со средно образование и останатиот средно медицинскиот кадар кој го превод значи 5.700 денари во бруто или 3.850 денари во нето, рече Љубиша Каранфиловски, претседател на Самостојниот синдикат за здравство, фармација и социјална заштита.
Договорот историски го нарече и координаторот за здравството на КСОМ Боби Бојчевски, кој во наредниот период кажа дека очекува конкретна информација и за здравствени работници кои работат со договор на дело.
-Ова денеска што се случи е едно од најголемите покачувања во историјата на здравствениот сектор. До сега покачувањата биле од 1000 до 1200 денари, рече Боби Бојчевски, координатор за здравство на КСОМ.