Од петок, 26 јуни, целосно да бидат отворани сите гранични премини за непречено движење на патници и возила без приложување на ПЦР тестови, и без упатување до домашна изолација или спроведување во задолжителен државен карантин. Ваква одлука донела Владата на попладневната седница врз основа на препораките на Комисијата за заразни болести.
Веста на својот Фејсбук – профил ја објави техничкиот премиер Оливер Спасовски наведувајќи дека од 1 јули ќе бидат отворени за сообраќај и меѓународните аеродроми во Скопје и во Охрид.
-Влезот во земјава ќе биде без никакви органичувања. Согласно овие одлуки Владата денеска донесе одлука да биде укината забраната за организиран превоз, која исто така стартува од 26 јуни, напиша Спасовски.
На денешната седница Владата донесе одлука, исто така од петок, 26 јуни, угостителските објекти да можат да работат и во внатрешноста на објектите преку соодветен протокол за работа. Од петок, 26 јуни 2020 година, се дозволува и работата на теретаните и вежбалните, а моловите, од истиот датум, ќе можат да работат и во неделите.
-За сите овие одлуки до петок, 26 јуни 2020 година, кога започнува нивната важност, ќе бидат подготвени протоколи кои ќе бидат задолжителни за сите економски оператори и институции во чија надлежност се овие одлуки.