Во понеделник се очекува во салата „Борис Трајковски“ да се вакцинираат околу 3.000 граѓани на почетокот на масовната вакцинација на граѓани во овој комплекс. Вакцинацијата ќе ги опфати вработените во критичката инфраструктура, како вработените во МВР, Армијата, новинари, службите во Град Скопје односно оние кои имаат голем број на контакти согласно карактеристиките на работното место, но и согласно возраста на лицата и евентуални коморбидитети и хронични болести. Тие ќе се имунизираат со руската вакцина „Спутник V“, која земјава ја доби како донација од Србија.
Министерот за здравство Венко Филипче денеска присуствуваше на настан во салата каде има симулација како ќе се одвива целиот процес. Во две смени ќе работат околу 20 медицински сестри и 5 доктори. Плановите се, пунктовите да работат седум дена во неделата.
-По почетокот во понедленик, во просек, се планира да се вакцинираат по 4.000 луѓе на ден, а понатаму и 7.000 граѓани на ден. Денеска направиме проба како ќе биде текот на процесот, каде ќе се прави првичниот прием, понатаму проценката и пристапот, каде ќе се прави иницијалниот преглед и оној дел каде ќе се издаваат потврдите и датумот за ревакцинација. Ќе има и обележани делови за итна медицинска помош и секако овој централен простор помеѓу пунктовите наменет за 15-20 минути опсервација по завршената вакцинација, рече Филипче.
Вакцинацијата ќе започне и во пунктовите во останати градови во државата а постепено ќе се намалува старосната граница за граѓаните кои ќе се вакцинираат.