Бројот на загинати во либискиот крајбрежен град Дерна се искачи на 11.300, додека потрагата по преживеани продолжува по големите поплави предизвикани од пробивањето на две брани за време на обилните дождови, соопшти либиската Црвена полумесечина. Генералниот секретар на либиската Црвена полумесечина изјави за „АП“ дека уште 10.100 луѓе се водат како исчезнати во тој медитерански град, пренесува „Танјуг“.
Канцеларијата на Обединетите нации за координација на хуманитарни прашања (OCHA) соопшти дека на стотици илјади луѓе им е итна потреба од помош по разорните поплави во Либија.
OCHA побара помош од 71,4 милиони американски долари за да се задоволат најитните потреби на 250.000 луѓе, од 884.000, за кои се проценува дека ќе им биде потребна помош во следните три месеци.
Организацијата објави дека речиси 900.000 луѓе во пет провинции живеат во области директно погодени од невремето и поплавите, пренесе „Хина“, повикувајќии се на „ДПА“.
Силната бура наречена „Даниел“ ја погоди Либија во неделата, откако претходно мина низ Грција, Бугарија и Турција.
Две брани пукнаа во планините над пристаништето Дерна, одземајќи големи делови од градот со 100.000 жители.
Лидерите на либиската администрација со седиште во Триполи го повикаа обвинителството на земјата да отвори истрага утврдување на причините за уривањето на две брани што доведе до катастрофални поплави.